Охрид, 17. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку учествуваше на првата заедничка седница на владите на Република Македонија и Република Албанија, која што се одржа во Поградец во Албанија.
Во рамките на настанот министерот Дураку остварил работна средба со албанскиот министер за туризам и животна средина, Бленди Ќоси, на која биле разменети информации за повеќе прашања.
– Двајцата министри разговараа за предлог-текстот на договорот меѓу Советот на министри на Република Албанија и Владата на Република Македонија за заедничките односи во управување со прекуграничните водни ресурси, за работната група за преговарање по однос на предложениот текст на договорот, како и за следните активности за дејствување со кои ќе се забрза процесот на потпишување и имплементација на договорот за управување со прекуграничните води, информираат од секторот за комуникации на македонското министерство.
На средбата било разговарано и за дримскиот проект на ГЕФ за изготвување план за управување со Охридското Езеро, за проектот за ЕУ – УНЕСКО за интегрирана заштита на Охридското Езеро, потоа за формирање фонд за заштита на природата Преспа – Охрид (PONT), како и за реформирање на билатералните комитети и тела во согласност со договорот за заштита и одржлив развој на Охридското Езеро и неговиот слив од 2004 година меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Република Албанија и договорот за заштита и одржлив развој на паркот „Преспа“ потпишан во 2010 година. (Крај)
извор: Макфакс фото: архива