Охрид/Скопје, 7. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – За десетина дена треба да се знае точната сума што ќе треба дополнително да ја плати Јавното претпријатие за државни патишта за изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Ова на прес конференција го истакна директорот на претпријатието, Зоран Китанов.
Тој подвлече дека преговорите се интензивни, при крај и дека се користи секаква помош, консултантска и тендерска, од останати проекти.
– Владата и ЈП за државни патишта се во предност, бидејќи со фирмата изведувач се преговара со цените на подизведувачите според кои и досега работеле, без притоа државата да наплати високи маржи, што се практикуваше во изминатите години, рече Китанов.
Кон средината на месец март, Владата го усвои анекс договорот за изградба на оваа автопатска делница, со кој се предвидува крајниот рок за изградба да биде 30 јуни 2021 година. Потребата за продолжување на рокот за доизградба на овој капитален проект, како ѓто кажа министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески е поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот, како и променливата геологија на теренот која не одговара со геологијата предвидена во проектот.
Инаку, за 2018-тата година, се обезбедени вкупно 270 милиони евра за изградба на нови патишта, за реконструкција, рехабилитација и за обнова на повеќе од 60 патни правци ширум Македонија во должина од околу 800 километри. Дел од овие средства се од државниот и од буџетот на ЈП за државни патишта, а дел се обезбедени преку заем од Светска банка, ЕБОР и ИПА2. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива