Охрид, 12. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Врнежите од дожд што ги имаме речиси цела недела поволно се одразија на хидролошката состојба на Охридското Езеро.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,18 м.н.в, што е за 10 сантиметри под просекот за октомври (693,28 м.н.в) и осум сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).
Во последните седум дена езерскиот водостој се покачи за 5 сантиметри, но и натаму е под месечниот просек.
Температурата на езерската вода е 16 степени и е за 0,8 степени пониска од просекот за октомври.
Охридското Езеро веќе подолг период се соочува со низок водостој. Минатиот месец нивото на езерото се намали за 13 сантиметри, а од почетокот на октомври, благодарение на врнежливиот период, порасна за четири сантиметри.
Во Охрид денес променливо облачно време, попладне со подолги сончеви периоди.
Mаксималната температура во Охрид ќе се искачи до 14. степени.
– Утре попладне во западните и јужните делови ќе има локални врнежи од дожд. Во текот на ноќта врнежите ќе се прошират насекаде. Пообилни врнежи повторно ќе има во четврток, кога поради спуштање на студена воздушна маса, на планините во северозападните делови ќе врне снег. Повремено ќе дува засилен северен ветер, а дневните температури значително ќе опаднат, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР