Охрид, 5. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро за една седмица се зголеми за 13 сантиметри. Според последните мерења водостојот е на кота од 693,37 метри надморска височина.
Од хидролошкото одделение на Управата за хидрометеоролошки работи во Скопје велат дека од почетокот на месецот нивото на водата секојдневно се зголемува заради обилните врнежи од дожд и снег, но смируваат оти нема опасност од енормно покачување на нивото.
– Нивото на водата во Охридското Езеро секојдневно се мери и од почетокот на месецов се забележува зголемување на водостојот. Но нема опасност од енормно зголемување бидејќи како што е познато, ЕЛЕМ врши контрола на самиот истек, велат од хидролошкото одделение.
Во Охрид неодамна беше поставена и електронска табла која ги покажува најважните параметри за водата во Охридското Езеро, но како што велат од хидролошкото одделение, таа се уште е во фаза на тестирање и официјално не е отворена, така што точните информации за водостојот можат директно да се добијат од самите хидролози во УХМР.
– Сепак се работи за нов инструмент за кој е потребен тест-период, додаваат од хидролошкото одделение.
Инаку, просечното ниво на водата во Охридското Езеро во јануари е 693,39 метри.
Екологистите и натаму предупредуваат реките и каналите секогаш и во секое време да бидат длабоко исчистени за да можат да примат поголема количина вода која брзо ќе се движи во самите реки и канали во правец на езерата и браните.
– Со исчистените реки и канали се зголемува можноста подпочвената вода во плодните парцели да се држи на поголема длабочина во почвата, а со тоа и самата плодна почва ќе може да прифати поголема количина вода и истата брзо ја транспортира до реките и каналите. Водата нема да се задржи во плодниот слој од почвата, а со тоа се многу мали можностите плодниот слој од полавената парцела трајно да се изгуби, односно со водената маса да се префрли во езерата и реките, вели екологистот Лазо Наумоски.
Во интерес на спречување на елементарните непогоди што често се присутни во поширокиот регион, тој апелира што побрзо да се гасифицира Балканот и да се сочуваат од уништување шумските зелени појаси за, како што вели, да се ублажат и забават последиците од климатските процеси. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива