Охрид, 25. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со исклучување на осветлувањето на одредени локации во Охрид, денес по осми пат Македонија ќе се вклучи во одбележувањето на големата светска еколошка акција „Час на планетата Земја“.
Осветлувањето во Македонија ќе биде исклучено во 20:30 часот по локално време во период од еден час кога во мрак ќе бидат над 178 земји и 7.000 градови во светот.
Во Охрид, во мрак ќе бидат црквата Свети Јован Канео и Самоиловите тврдини.
Со симболичното исклучување на осветлувањето, милиони луѓе ширум светот ќе испратат порака за спас на планетата Земја. Оваа година во Македонија под мотото „Заблескај светлина на климатските промени“, кампањата се фокусира на сериозноста на проблемот поврзан со забрзаното менување на климата, но и ја промовира идејата дека сите ја имаме моќта да направиме промена, односно обединети да ги промениме климатските промени. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива