„Збогум Буково“ спроведе истражување за проблемите со отпадот во охридскиот регион, 95 % од граѓаните се „многу загрижени за состојбата“
декември 25, 2024

Охрид, 25. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Групацијата „Збогум Буково“, во текот на изминатиов месец спроведе обемно истражување на јавното мислење на охриѓани во однос на рак раната за нашиот регион – отпадот и депониите.

– Резултатите од истражувањето укажуваат дека охриѓани се многу загрижени за ефектите од дивите депонии, вклучително „Буково“ и „Мауцкер“. На прашањето „Колку сте загрижени за долгорочните ефекти на дивите депонии врз животната средина и јавното здравје?“ – 95 проценти од граѓаните одговориле дека се многу загрижени. На прашањето „Кои се главните бариери за ефективно селектирање отпад во вашата област?“ 50 проценти од граѓаните сметаат дека е резултат на недостаток на јавна едукација, додека останатата половина сметаат дека е резултат на недостаток на соодветна инфраструктура (канти, центри за селектирање). На прашањето „Кои типови на поддршка би ве поттикнале да учествувате повеќе во сортирање отпад или рециклирање?“, охриѓани ги издвојуваат следните: финансиски поддршка (на пример, поврат на средства), повеќе инфраструктура (канти, центри за кабаст отпад), образовни кампањи и подигање на свеста и зајакнување на казнената политика. Надежен е фактот дека 97 проценти од граѓаните изјавиле дека се многу подготвени на прашањето „Колку сте подготвени да ги промените вашите секојдневни навики (на пр. селектирање отпад, намалување на отпадот) за да помогнете во намалување на отпадот којшто завршува во депониите?“ Речиси едногласно охриѓани одговориле позитивно на прашањето „Дали сметате дека треба да има построги закони или регулации за управување со отпад и рециклирање во вашата област?“ – информираат од „Збогум Буково“.

Додаваат дека продолжуваат да работат во интерес на граѓаните и да вршат притисок врз надлежните органи за побрзо решавање на проблемот со отпадот кој со години го загрозува нашиот регион. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука