септември 30, 2024

Охрид, 30. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Неспорно е дека јаглехидратите се клучен дел од секоја диета, но подеднакво е важно да се запамети дека не се сите јаглехидрати исти.

Додека сложените јаглехидрати, како интегралните житарки, овошјето и зеленчукот, ги обезбедуваат хранливите материи и влакната што се потребни за нашите тела оптимално да функционираат, рафинираните и преработени јаглехидрати можат да предизвикаат воспаленија и зголемување на телесната тежина.

Според д-р Michael Lahey, некои јаглехидрати се особено опасни затоа што промовираат акумулација на маснотии во абдоминалната област и ги зголемуваат воспалителните маркери како што е Ц-реактивниот протеин (CRP). Тој предупреди на пет јаглехидрати кои можат да бидат штетни за целите за слабеење.

Бел леб

Иако овој вообичаен производ може да изгледа безопасен и вкусен, белиот леб се прави од рафинирани зрна на кои им недостасуваат влакна и есенцијални хранливи материи. Овој преработен вид леб предизвикува брзи скокови на шеќерот во крвта што на крајот може да резултира со зголемено складирање на маснотии, особено во пределот на стомакот.

– Белиот леб предизвикува повеќе скокови во шеќерот во крвта отколку лебот од цели зрна, што доведува до маснотии во стомакот и го зголемува нивото на CRP, објаснува д-р Lahe.

Колачи и слатки пецива

Иако сите ги сакаме слатките задоволства, тажна вест е дека колачите и пецивата го комбинираат најлошото од двата света: рафинирани шеќери и нездрави масти. Овие состојки ги прават „двоен удар“ кога станува збор за зголемување на телесната тежина и воспаленијата. Предизвикуваат зголемување на телесната тежина бидејќи имаат висок гликемиски индекс, а транс мастите го зголемуваат нивото на воспаленија. Иако овие задоволства се вкусни, најдобро е да се консумираат умерено.

Слатки житарки за појадок

Житарките за појадок секако се брз и вкусен оброк за напорните утра, но доколку се грижиме за нашето здравје, најдобро е да ги избегнуваме. Полни се со рафинирани шеќери и преработени житарки кои го влошуваат процесот на акумулација на маснотиите на стомакот и промовираат воспаленија во телото.

Бел ориз

Белиот ориз е уште еден популарен јаглехидрат кој предизвикува скокови на шеќерот во крвта и нуди малку хранливи материи. Белиот ориз не е богат со влакна, што доведува до брзо зголемување на шеќерот во крвта. Со текот на времето, овие скокови придонесуваат за таложење на салото на стомакот и ги зголемуваат воспаленијата, па интегралните житарки се многу подобра алтернатива.

Чипс

Иако чипсот е една од омилените грицки, тие воопшто не се здрави. Чипсот е направен од скроб кој брзо се претвора во шеќер во телото и е меѓу најлошите намирници за воспаленија и зголемување на телесната тежина. Чипсот содржи едноставни шеќери во форма на скроб кои лесно се претвораат во шеќер, а нездравите масла ги прават еден од најголемите придонесувачи за акумулација на маснотии во пределот на стомакот. За среќа, постојат многу здрави грицки кои можете да ги изберете наместо чипс. (Крај)

извор: index.hr фото: index.hr

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука