Охрид, 17. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Медот е многу повеќе од алтернатива на шеќерот во колачите, чаевите и кафињата. Оваа слатка и здрава храна е многу вкусна и богата со антиоксиданси, есенцијални хранливи материи и содржи антибактериски својства.
Конзумирање мед му користи на организмот во текот на целата година, а особено во есенските и зимските месеци кога сме многу поподложни на настинки и грип. Експертите издвојуваат некои од најпознатите здравствени придобивки од медот кои би можеле да поттикнат многумина да го консумираат уште повеќе, или можеби да почнат да го користат омилениот здрав засладувач.
Богат е со антиоксиданси
Медот содржи антиоксиданси, вклучувајќи флавоноиди и фенолни киселини. Овие соединенија помагаат во неутрализирање на слободните радикали во телото, го намалуваат оксидативниот стрес и ризикот од хронични болести како што се срцевите заболувања и ракот.
Позитивно влијание врз здравјето на срцето
Антиоксидансите во медот можат да го подобрат нивото на холестерол и да помогнат во спречување на срцеви заболувања. Исто така, медот може да го намали крвниот притисок, намалувајќи го ризикот од кардиоваскуларни проблеми со текот на годините.
Ја смирува иритацијата при болки во грлото
Една од најпознатите придобивки на медот е неговата способност да го смири воспаленото грло и да ја ублажи кашлицата. Неговите природни антибактериски својства можат да ги намалат болките во грлото и да помогнат во уништувањето на бактериите кои предизвикуваат инфекција.
Медот помага за побрзо зараснување на раните
Медот се користи со векови за заздравувањето на раните поради неговите природни антибактериски и антиинфламаторни својства. Нанесувањето мед на изгореници или помали исеченици може да го забрза закрепнувањето и да го намали ризикот од инфекција.
Зајакнување на имунолошкиот систем
Медот може да помогне во зајакнувањето на имунолошкиот систем благодарение на неговите антибактериски и антивирусни својства. Покрај тоа, содржи и есенцијални витамини, минерали и амино киселини кои природно се борат со инфекциите.
Го подобрува здравјето на кожата
Медот е честа состојка во производите за нега на кожата поради неговите навлажнувачки и антибактериски својства. Нанесувањето мед на кожата може да помогне во лекувањето на акните, да го намали воспалението и да обезбеди хидратација. (Крај)
извор: index.hr фото: index.hr