Охрид, 30. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Преминувањето кон летно сметање на времето носи и одреден ризик за здравјето кај луѓето.
– Бројот на инфаркти во првите неколку дена откако се преместиле стрелките на часовникот, се зголемуваат помеѓу 10 и 12%, алармираат кардиолозите.
Според експертите, во ова модерно време луѓето секако спијат помалку, а одземањето на уште еден час во периодот кога на телото му треба најмногу одмор, може да биде фатално.
Понеделниците се време кога луѓето се уморни и ненаспани, затоа што за време на викендите, тие се обидуваат да завршат што повеќе обврски и дополнително се заморуваат.
Ноќеска започнува летното сметање на времето. Во 02:00 часот наутро стрелките на часовникот треба да се поместат еден час напред, со што времето во 02:00 ќе се смета како 03:00 часот.
Летното сметање на времето или летно време е договорено правило за пометување на часовниците така што попладнето да има повеќе дневна светлина, а за сметка на тоа утрата да бидат пократки. Вообичаено е часовниците да се поместуваат еден час нанапред напролет (последниот викенд во март), а да се враќаат еден час наназад наесен (последниот викенд во октомври). Овој систем е предложен во 1905 година од Вилијам Вилет, а првпат бил широко применет во 1916 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива