Охрид, 21. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Често се препорачуваат 10.000 чекори дневно за одржување на кондицијата и здравјето, но резултатите од ново истражување покажуваат дека кратките „микро-прошетки“ може да бидат поефикасни за согорување калории и подобрување на целокупното здравје отколку класичното, континуирано одење.
Италијанските истражувачи го следеле движењето на десет здрави возрасни лица и откриле дека одењето во кратки интервали троши дури 60% повеќе енергија во споредба со истото растојание поминато со едно движење.
– Секогаш кога почнуваме да одиме, трошиме значителна количина на енергија и кислород само за да го придвижиме телото, објаснува Francesco Luciano, физиолог од Универзитетот во Милано и автор на студијата.
Тој го споредува почетокот на секое одење со автомобил на кој му треба повеќе гориво за првите неколку километри отколку за подоцнежните. Истражувачите ги набљудувале учесниците додека оделе на лента за трчање и користеле уред за качување, снимајќи ја потрошувачката на кислород и потребната енергија за секоја „прошетка“. Резултатите покажале дека потребната енергија на почетокот на секоја активност е поголема отколку кога телото веќе се движи.
Препораки за подобро здравје: Кратки прошетки во текот на денот
Во една статија објавена во списанието „Proceedings of the Royal Society B“, истражувачите советуваат дека, секогаш кога е можно, треба да ги прекинеме периодите на седење со кратки прошетки. Светската здравствена организација (СЗО) им препорачува на возрасните да имаат најмалку 150 минути активност со умерен интензитет неделно, а микро-одењето би можело да биде практичен начин да се постигне таа цел. Од СЗО проценуваат дека физичката неактивност придонесува за смрт на околу два милиони луѓе годишно на глобално ниво, што ја прави една од водечките причини за смрт и инвалидитет во светот.
Недоволната физичка активност често се поврзува со кардиоваскуларни болести, дебелина, дијабетес тип 2 и одредени видови на рак. На пример, срцевите заболувања најчесто се предизвикани од таложење на масни наслаги внатре во артериите, што може да доведе до опасни блокади и последователно да предизвика срцев или мозочен удар. Мозочните удари се меѓу водечките причини за смрт и инвалидитет во многу земји ширум светот. (Крај)
извор: index.hr фото: index.hr