Охрид, 25. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Сите кои доживеале срцев удар или им е дијагностицирана срцева болест, често се прашуваат дали треба да избегнуваат вежбање во насока да не го оптоварат срцето премногу. Сепак, според кардиолозите, со одобрение од лекар, вежбањето може да биде не само безбедно, туку и многу корисно. Постои и еден вид на вежбање што особено се препорачува за луѓе со срцеви проблеми.
Пред да започнете каков било вид на вежбање, од клучно значење е да се консултирате со вашиот лекар. Кардиологот, д-р David Hsi, објаснува дека срцевите заболувања варираат многу, а она што е безбедно за едно лице можеби не е препорачливо за друго. Затоа се препорачува да го прашате вашиот лекар не само за типовите на вежби кои се безбедни, туку и за интензитетот што е соодветен за вашата состојба.
– Во многу случаи, луѓето со конгестивна срцева слабост или коронарна артериска болест можат да имаат корист од вежбањето. Таквите пациенти често се упатуваат на програма за срцева рехабилитација, каде што експертите ги водат низ серија безбедни вежби, кои развиваат самодоверба и разбирање на нивните сопствени граници, вели кардиологот д-р Sameer Mehta.
Аеробни вежби – најбезбедна опција за пациенти кои имаат проблеми со срцето
Иако е важно да добиете одобрение од лекар за секаков вид вежбање, д-р Hsi истакнува дека умерените аеробни вежби, како што е одење, се многу корисни за здравјето на срцето.
– Одењето е активност со низок интензитет што ја подобрува циркулацијата и го намалува стресот, напоменива д-р Hsi.
Научните истражувања покажуваат дека редовното одење го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести, дијабетес тип 2, па дури и деменција. Прошетката во природа или во најблискиот парк може да го намали нивото на стрес, што е клучно бидејќи долгорочниот стрес може да го зголеми ризикот од срцев удар. Покрај пешачењето, д-р Hsi препорачува и други умерени аеробни активности како јога кои не само што го намалуваат стресот, туку и го зајакнуваат кардиоваскуларниот систем.
Колку вежбање е потребно?
Според д-р Mehta, три часа умерено вежбање неделно е оптимално. Треба да се напомене дека континуираната умерена активност, како што се редовно одење или јога, често е побезбедна опција од тренинзите со висок интензитет, како што е HIIT (High-intensity interval training), што може да биде премногу за луѓето со проблеми со срцето.
Вежби кои треба да се избегнуваат
Д-р. Hsi забележува дека тренинзите со висок интензитет, како што е HIIT, може да бидат премногу интензивни за некои срцеви пациенти, додека д-р Mehta советува дека трчањето маратон или триатлон треба да се избегнува доколку имате срцева болест. За вакви, интензивни активности најдобро е претходно пациентот да се консултира со лекар кој ја знае неговата медицинска историја. (Крај)
извор: index.hr фото: архива