септември 15, 2024

Охрид, 15. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Здравјето на мозокот е од клучно значење за одржување на когнитивната функција и меморијата како што старееме. Исто како што вежбањето му користи на телото, одредени видови храна можат да го поддржат здравјето на мозокот.

Храната богата со хранливи материи, вклучувајќи ја и онаа богата со антиоксиданси, здрави масти и есенцијални витамини, игра клучна улога во подобрување на функцијата на мозокот. Вклучувањето на ваква храна во нашата исхрана може да ја подобри меморијата, да не заштити од когнитивниот пад и да ја поддржи целокупната ментална благосостојба.

Неврохирургот д-р. Brett Osborn посочува на неколку намирници кои се здрави за мозокот.

Боровинки

Боровинките се богати со антиоксиданси кои помагаат во борбата против оксидативниот стрес и воспалението во мозокот. Можат да ги заштитат мозочните клетки од оштетување и да го намалат ризикот од невродегенеративни болести.

– Боровинките се богати со антиоксиданси наречени антоцијани кои помагаат во заштитата на мозокот од оксидативен стрес и воспаление. Истражувањата покажуваат дека редовното консумирање боровинки може да ја подобри меморијата и да го одложи когнитивниот пад поврзан со стареењето. Јадам боровинки секој ден, без разлика дали се во смути или со салата, вели д-р. Osborn.

Зелен лиснат зеленчук

Зелениот лиснат зеленчук помага за здравјето на мозокот со тоа што го намалува воспалението и ја подобрува когнитивната функција.

– Јас користам свеж спанаќ во утринското смути. Зелениот лиснат зеленчук е добар за варење, а здравиот дигестивен систем често значи здрав мозок, бидејќи двата система се поврзани, објаснува тој.

Брокула

Брокулата во последно време е популарен и баран зеленчук.

– Брокулата содржи соединенија како сулфорафан кои се поврзани со намалување на воспаленијата и подобрување на здравјето на мозокот. За почеток, сулфорафанот е исто така хемопревентивен агенс против ракот, особено ракот на дојката. Додадете малку брокула во вашите оброци, забележува д-р Osborn.

Јајца

Богатиот вкус и текстурата на јајцата ги прават совршени за секој оброк. Покрај тоа, тие се одлични и за здравјето на мозокот.

– Мастите во жолчките го помагаат производството на холестерол, кој е важен за синтезата на миелинот, супстанцијата која ги обвиткува невроните и овозможува пренос на сигналот, како изолацијата околу електричните жици. Затоа, не избегнувајте цели јајца. Тие не се лоши за нашето здравје, вели д-р Osborn.

Мрсна риба

Мрсните риби, како што се скушата, лососот и сардините, се полни со омега-3 масни киселини, особено EPA и DHA. Овие есенцијални масти се дел од структурата и функцијата на мозокот и придонесуваат за флуидноста на клеточната мембрана, а ја поддржуваат и комуникацијата на невроните.

– Овие есенцијални масти се клучни за одржување на здравјето на мозокот и се поврзани со подобра меморија, регулација на расположението и намален ризик од когнитивно опаѓање. Оние кои не јадат риба, добро е да внесуваат омега-3 масни киселини во форма на додаток, што е исто така добро, заклучи д-р Osborn. (Крај)

извор: index.hr фото: index.hr

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука