Здравје: Популарни видови месо кои имаат негативно влијание врз здравјето на мозокот
декември 16, 2024

Охрид, 16. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Здравата исхрана не е важна само за намалување на килограмите, храната што ја јадеме игра клучна улога во сите аспекти на нашето здравје, вклучувајќи го и здравјето на мозокот.

Иако има многу намирници кои ја помагаат функцијата на мозокот, важно е да се запамети дека некои може да имаат негативен ефект врз когнитивната функција, вклучително и одредени видови месо. Диететичарите посочуваат на два популарни видови месо кои можат лошо да влијаат на здравјето на мозокот.

Црвено месо (говедско, јагнешко и свинско)

Ако се грижиме за здравјето на мозокот, секако треба да го ограничиме внесот на црвеното месо. Тоа содржи високо ниво на заситени масти, што може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања. Индиректно, тоа може да влијае на протокот на крв во мозокот и да ја намали когнитивната функција со текот на времето. Прекумерното консумирање црвено месо е поврзано со воспаленија во мозокот и лошо когнитивно здравје. Балансирањето на внесот на црвено месо со извори на посни протеини може да ја поддржи подобрата функција на мозокот.

Преработено месо

Виршлите со омилените додатоци можеби се вкусни, но нашиот мозок секако нема некоја голема корист од овој вид месо. Преработеното месо не е добро за организмот пред се’ поради високите нивоа на натриум, заситените масти и нитрати/нитрити. Овие компоненти може да предизвикаат воспаление и оксидативен стрес, што е поврзано со когнитивно опаѓање. Покрај виршлите, други видови преработено месо кои треба да се избегнуваат се и сланината, колбасите, сувото месо и саламите. Истражувањата покажуваат поврзаност помеѓу консумирањето преработено месо и зголемениот ризик од невродегенеративни болести, како што е деменцијата. Замената на преработеното месо со необработено месо може да помогне да се намалат овие ризици.

Ограничувањето на овие видови месо и балансирана исхрана може да бидат клучни чекори кон подобро здравје на мозокот. (Крај)

извор: index.hr фото: index.hr

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука