Здравје: Раното откривање на псоријазата е клучно, еве на кои знаци треба да внимавате
јануари 7, 2025

Охрид, 7. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Проблемите со кожата не се ограничени само на тинејџерските години, тие можат да се појават на која било возраст, а меѓу нив секако е и псоријазата.

Станува збор за хронична состојба во која имунолошкиот систем создава промени на кожата и ноктите. Повеќе од 125 милиони луѓе или два до три проценти од светската популација имаат псоријаза. Симптомите најчесто се појавуваат на возраст од 20 до 60 години.

Раното препознавање на псоријазата е клучно за нејзиното лечење. Кај ова хронично воспалително заболување на кожата со генетска основа, 60 до 90 проценти од заболените имаат наследени гени, поврзани со оваа состојба.

Иако генетиката секако игра улога, експертите истакнуваат дека псоријазата може да се активира или влоши од стрес, болест, пушење, лекови или медицински состојби како што е дебелината. Посочуваат на неколку рани знаци на псоријаза на кои треба да внимавате.

Симптоми:

– Розеви, задебелени површини на кожата со сивкави лушпи (најчесто на лактите, колената и скалпот).
– Симетрични промени кои се појавуваат на двете страни од телото (на пример, раце, нозе, грб и гради) во исто време. Најчесто се црвени, подигнати и покриени со лушпи.
– Црвенило на кожните набори како што се препоните, пазувите, под градите и во пределот на задникот.
– Задебелени нокти на рацете и нозете кои се одвојуваат од подлогата на ноктите, со вдлабнатини на површината.
– Болки во зглобовите, најизразени наутро.

Псоријазата се влошува со возраста, а во најтешките случаи целата кожа може да стане црвена. Може да предизвика траен артритис и да го зголеми ризикот од кардиоваскуларни болести бидејќи воспалението на кожата може да влијае на крвните садови и срцето.

Третман:

Доколку забележите рани знаци на псоријаза, се препорачува итна посета на дерматолог за дијагноза и да се разговара за третман. Првиот чекор во управувањето со псоријазата е да се намали воспалението преку исхраната и начинот на живот. Тие вклучуваат антиинфламаторна диета со минимално обработена храна, ограничување на шеќерот и алкохолот, управување со стресот, доволно спиење и редовна физичка активност.

Правилната нега на кожата е клучна за спречување на ширењето на псоријазата. По капење треба да се нанесуваат хидратантни креми, да се избегнува топла вода и да се користат нежни сапуни за да се намали сувоста на кожата. (Крај)

извор: index.hr фото: index.hr

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука