Охрид, 27. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Научниците се’ повеќе откриваат како малите секојдневни навики можат значително да влијаат на долговечноста, независно од нашите гени.
Иако генетиката игра важна улога, истражувањата покажуваат дека здравиот начин на живот е чест фактор кај луѓето кои живеат долго. Лекари со децениско искуство во работа со пациенти, откриваат неколку едноставни чекори кои секој може да ги примени во својата секојдневна рутина за да го подобри своето здравје и да го продолжи својот живот. Еве што советуваат.
Шетајте секој ден
Едноставна активност како редовното одење, особено за оние кои не се многу физички активни, може да помогне да се продолжи животот. Редовното движење, не само што го подобрува кардиоваскуларното здравје, туку позитивно влијае и на менталното здравје со намалување на анксиозноста и депресијата. Лекарите препорачуваат 2.500 до 4.000 чекори дневно за подобра кардиоваскуларна и ментална кондиција, додека повеќе од 7.000 чекори значително го намалуваат ризикот од кардиоваскуларни болести и смртност.
Спијте најмалку седум часа секоја вечер
Телото го користи спиењето за да го исчисти „отпадот“ создаден во текот на денот, објаснуваат експертите. Недостатокот на сон е поврзан со поголема смртност и оксидативен стрес, а долгорочно може да доведе до висок крвен притисок, дијабетес тип 2 и дебелина. Спиењето е од суштинско значење за регенерација на телото, консолидација на меморијата и детоксикација на мозокот, а сето тоа придонесува за подолг животен век.
Помалку преработена, повеќе свежа храна
Зголемениот внес на шеќер, особено додадениот шеќер во преработената храна и пијалоци, е поврзан со поголем ризик од смрт од срцеви заболувања и стареење на клеточно ниво. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои консумираат повеќе додадени шеќери покажуваат поизразени знаци на стареење. Не мора целосно да се избегнува слатката храна, но со намалување на потрошувачката на преработена храна, можете да го подобрите вашето здравје и да го намалите ризикот од болести како дијабетес или срцеви заболувања.
Научете да управувате со стресот
Хроничниот стрес негативно влијае на долговечноста бидејќи придонесува за воспаленија, кардиоваскуларни проблеми и други здравствени проблеми. Се препорачува редовно практикување на техники за релаксација, како што се медитација, длабоко дишење или јога. Добро функционалниот парасимпатичен систем го намалува ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар, го подобрува варењето и метаболизмот и го намалува воспалението.
Избегнувајте прекумерен мултитаскинг
Мултитаскингот – правењето на неколку работи истовремено создава дополнителен стрес и анксиозност, што му штети на здравјето. Истражувањата покажуваат дека фокусирањето на индивидуалните задачи ја подобрува когницијата и го намалува оптоварувањето на мозокот. Според невропсихолозите, мултитаскингот го „троши“ мозокот бидејќи тој не е дизајниран брзо да се префрла помеѓу задачите.
– Забавете и фокусирајте се на една задача. Вашиот мозок и тело ќе ви се заблагодарат на долг рок, додаваат експертите. (Крај)
извор: index.hr фото: index.hr