Здравје: Секојдневна навика може да го зголеми ризикот од деменција
декември 14, 2024

Охрид, 14. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Иако е познато дека појадокот е најважниот оброк во денот, многу од луѓето го прескокнуваат. Без разлика дали се работи за тоа што брзате или едноставно немате навика, тоа може да влијае лошо на вашето здравје.

Резултатите од студија објавена во магазинот Journal of Neurorestoratology покажуваат дека прескокнувањето на појадокот може да има долгорочни негативни ефекти врз здравјето на мозокот. Студијата ги следела вообичаените навики на учесниците постари од 60 години во Кина, во текот на три години. Од 973 луѓе, 859 ја завршиле студијата, а 117 редовно го прескокнувале појадокот (најмалку еднаш неделно).

На почетокот на студијата, немало значителни разлики во когнитивните способности помеѓу оние кои појадуваат и оние кои го прескокнуваат појадокот. Резултатите останале слични по 18 месеци, но на крајот на третата година, учесниците кои редовно го прескокнувале појадокот имале пониски MMSE резултати. Ова се покажало како точно дури и по прилагодувањето на факторите како што се возраста, полот, образованието, генот ApoE, крвниот притисок, дијабетесот и високиот холестерол.

Исто така, луѓето кои редовно го прескокнувале појадокот имале повеќе биомаркери на невродегенерација и покажале поголема атрофија на мозокот (намалување на волуменот) во споредба со оние кои редовно појадувале. Студијата сугерира дека редовното прескокнување на појадок може да биде независен фактор на ризик за когнитивно опаѓање кај постарите лица.

Важно е да се истакне дека навиките за прескокнување на појадокот веројатно постоеле пред да започне студијата, а промените во мозокот поврзани со деменција може да започнат со децении пред да се појават симптомите.

Совети за појадок

Појадокот не мора да биде обилен или комплициран. Едноставните оброци како смути, овесна каша или тост со јајца може да бидат одлично решение. Додавањето влакна и протеини во вашиот оброк ќе помогне да се стабилизира нивото на шеќер во крвта и да се спречат утринските напади на глад. Појадокот исто така, не мора да биде традиционален, дури и остатоците од вечерата можат да послужат како здрав почеток на денот. Со редовно појадување, придонесувате за здравјето на мозокот и го намалувате ризикот од деменција во подоцнежниот живот. (Крај)

извор: index.hr фото: index.hr

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука