Охрид, 19. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Здравјето на коските е многу важен елемент во функционирањето на секое човечко тело, а калциумот ги прави коските цврсти и силни. Содржината на калциум во коските, како и густината на коските, се зголемува, постепено, до 30-тата година од животот и во тој период го достигнува својот максимум.
После тоа доаѓа до намалување на минералната густина во коските и многу е важно да се обезбедат доволно хранливи материи за да се одржи цврстината на коскениот систем и во подоцнежните години од животот.
Што е остеопороза?
Во својата наједноставна дефиниција, остеопорозата е болест на коските, односно прогресивно губење на коскената маса. По 30-тата година, густината на коскената маса почнува постепено да се намалува, што може да доведе до фрактури на коските подоцна во животот. Самата остеопороза се карактеризира со намалена густина на коскеното ткиво, нарушена структура на коските, како и промена на видовите и количината на протеини и минерали во коските.
Ризикот од фрактури е доста висок. Најчувствителни делови се колковите и ‘рбетните пршлени, како и другите коски кои носат потежок товар. Коските се живо ткиво кое постојано се обновува. Познато е дека постои одредена рамнотежа помеѓу формирањето и распаѓањето на коските, а остеопорозата се јавува кога процесот на формирање на нова коскена маса е побавен од губењето. Остеопорозата ги погодува и мажите и жените, од различна возраст, но сепак, најчеста е кај лицата над 50 години.
Симптоми на остеопороза
За остеопорозата се вели дека е тивка и подмолна болест, бидејќи често не се забележува додека не е веќе предоцна, односно додека не дојде до фрактура. Во зависност од коската, симптомите исто така се менуваат, но некои од симптомите може да бидат:
– Болка во ‘рбетот, најчест знак за слаба коскена маса на пршлените
– Свиткано држење на телото
– Намалена висината на телото
– Фрактури по многу блага траума
За да се спречи појавата на ова заболување на коските, неопходно е да се делува превентивно, а најдобри решенија се редовното движење, физичка активност, здравата исхрана со адекватни суплементи, одржувањето на флексибилноста на коскените и зглобните структури.
Остеопороза и фактори кои влијаат на нејзината појава
Појавата на остеопороза може да биде под влијание на различни фактори. Меѓу најважните се:
– Пол
– Старост
– Начин на живот
– Општа здравствена состојба и
– Болести и начин на лекување.
Стручниот тим на физиотерапија и кинезитерапија „Валео“ од Охрид ви стои на располагање на улица „АСНОМ“, во населбата „Бејбунар“, а телефонот за дополнителни информации е 071/506-818.
– Нашиот стручен тим ќе се погрижи за вас и ќе даде се’ од себе да ги елиминира вашите здравствени проблеми и „да ја победиме болката заедно.“ Затоа, слободно контактирајте не доколку имате прашања и следете не на нашата веб страна, како и на профилите на социјални мрежи, YouTube, Instagram и Facebook, каде можете да најдете многу квалитетни материјали, вежби и совети за вас и подобрување на вашето здравје. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива