февруари 18, 2017

Охрид, 18. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Здружението на туристички водичи и придружници „Кеј“ од Охрид ќе организира работен состанок по повод 21-ви февруари, Меѓународниот ден на туристичките водичи.

Главен предмет на дискусија на состанокот ќе биде Законот за туристичка дејност на Република Македонија со посебен осврт на туристичките водичи како посебна категорија во туризмот.

– На дневен ред на работниот состанок, меѓу другото, ќе биде дискусија за регулирање на професијата и дејност туристички водич. Ќе се разговара за нелојалната конкуренција, најавува м-р Климент Наумов, претседател на ЗТВП „Кеј“.

Исто така членовите на здружението ќе дискутираат за Законот за туристичка дејност. На работниот состанок е потврдено учеството на претставници од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, Управата за јавни приходи – даночно одделение – Охрид, Државниот пазарен инспекторат – подрачно одделение -Охрид и Локалниот инспекторат – Туристичка инспекција.

Состанокот ќе се одржи во амфитеатарот на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид на 21-ви февруари, вторник, со почеток во 11.00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука