Охрид, 13. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Светиот крст во водите на Охридското Езеро годинава ќе го положи Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан, објавија на официјалната страна на Facebook од Здружението Богојавление – Водици.
– За радост на градот Охрид и сите охриѓани, оваа година за првпат водосветот и положувањето на светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде извршено од страна на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан, стои во објавата.
Во меѓувреме во сите парохиски цркви во Охрид веќе започна пријавувањето на капачите кои сакаат да бидат дел од најмасовната културно-верска манифестација кај нас Богојавление Водици. Очекувањата се дека и годинава празникот ќе биде одбележан на највисоко ниво со бројни посетители од земјава и странство.
– До сега покрај охриѓани, своето учество го пријавиле и голем број верници од други градови на Република Македонија, информираат од Дебарско-кичевската епархија при МПЦ-ОА.
Исто така, предвидени се и низа активности за уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на Охридското Езеро, соодветно украсување на градот со зеленило и верски знамиња, како и низа значајни активности кои се поврзани со безбедноста на капачите и посетителите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива