март 2, 2015

Охрид, 2.март 2015 (ОХРИДПРЕС) – За нешто повеќе од 51 илјади денари за метар квадратен денеска на понудувач од Скопје е продадено атрактивното градежно земјиште под Плаошник.

Почетната цена на електронското наддавање што се одржа денеска изнесуваше 1.543 денари по метар квадратен. Најавата за оттуѓување на ова градежно земјште предизвика реакции кај опозициските партии во Охрид според кои ова се прави за да се задоволат нечии бизнис интереси.

– Кој е интересот на општина Охрид да го продава најатрактивното градежно земјиште по почетна цена што е барем за 20 пати пониска од пазарната? Зошто општината, кога веќе располага со тоа градежно земјиште, не изгради еден мултинаменски репрезентативен објект за потребите на градот и граѓаните, наместо да го продава бадијала на приватни лица за изградба на станбен објект? Кој стои зад ваквата срамна бизнис зделка и за чии интереси се отуѓува најатрактивната градежна парцела во Охрид, прашаа од СДСМ Охрид.

И од општинската организација на Либерално-демократската партија велат дека се сериозно загрижени за градежните планови кои се однесуваат на, како што појаснуваат, најчувствителните локации во Охрид.

– Последниве недели јавноста е запрепастена од планираната урбанизација, почнувајќи од ридот кај Плаошник, за која зборувавме уште во 2011 година како партија, преку планирање на патеката и бетонирањето на Студенчишко Блато, завршувајќи со изникнатата градба, кај една од најзначајните локации, како од верски така и од археолошки апсект, во месноста викана Заум. ЛДП нема намера да остане нема на ваквите планирани дејствувања во Охрид, уште повеќе нема да и дозволи централната власт кога станува збор за државно земјиште, како и локалната власт кога станува збор за земјиште кое му припаѓа на градот да се однесуваат како да е наследство од нивните родители, реагираа од ЛДП.

SAMSUNG DIGITAL CAMERA

Од Општина Охрид пак се децидни дека целокупната постапка била согласно законските прописи, а од продажбата на земјиштето под Плаошник, финансиски бенефит ќе има и градот.

– Целата постапка се водеше во согласност со Законот и прописите за градење, а градежната парцела е проектирана во согласност со важечкиот Урбанистички план. Општина Охрид од продажбата на земјиштето ќе инкасира 80 проценти од средствата, а 20 проценти ќе одат во буџетот на Република Македонија. Исто така општината ќе инкасира средства по основ на комуналии за изградба на објектот, појаснија од општина Охрид.

Оттаму додадоа дека отуѓувањето на земјиштето се спроведе по барање на министерство за транспорт и врски. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука