Охрид, 18. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Серијата земјотреси кои го зафатија Охрид предизвикаа штети во висина од 57 милиони денари.
До Општинската комисија за проценка на штети биле поднесени вкупно 854 барања за проценка на штети, од кои 802 за штети во индивидуални објекти и 52 за деловни субјекти.
Од извршениот увид на терен, вкупната штета кај индивидуални објекти изнесува 48 милиони денари, а кај деловни субјекти 9 милиони денари.
– Комисијата изготви елаборат кој го достави на разгледување во Советот на Општина Охрид, а по негова одлука, истиот ќе биде испратен до Републичката комисија за проценка на штети, рече претседателот на Општинската комисија за проценка на штети, Радован Вељаноски.
Постапката за обештетување на граѓаните според процедурите и правилниците трае околу една година. Општинската комисија има рок од два месеци да изготви извештај, републичката комисија треба да даде одговор за шест месеци.
Што се однесува до предизвиканите штети на објектите, тие се од прва втора и трета категорија и така ќе биде и исплаќањето, вели Вељаноски.
– Прва категорија се објекти со оштетувања, но во кои може да се живее, втора категорија се објекти кои имаат оштетувања од поголем обем и во третата категорија спаѓаат објекти кои не се за живеење. Комисијата регистрира 11 такви објекти, а професори од ИЗИС ќе извршат проверка дали се ризични. Некоку објекти се поминати, следната недела продолжува увидот. Вакви објекти има во Косел, дел во стариот град и на улиците „8-ми Септември“ и „Јане Сандански“, потенцира Вељаноски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес