Охрид, 7. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Земјотрес со јачина од 2,3 степени по Рихтер го погоди регионот на Охрид денес во 12:40 часот.
Според податоците објавени на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, епицентарот бил на 3 километри јужно од Косел, на длабочина од 1 километар.
– Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Штип, Валандово, Охрид и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес на 07.01.2018 година, во 12:40 часот регистрираше земјотрес кој потекнува од охридското епицентрално подрачје. Епицентарот на земјотресот беше на само неколку километри од Охрид во околината на селото Лескоец. Неговата Рихтерова магнитуда изнесува 2.3, а беше почувствуван од населението во Охрид и неговата непосредна околина со интензитет III степени според Европската макросеизмичка скала, информираат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Овој регион минатата година беше погоден од голем број земјотреси, кои предизвикаа страв и несигурност кај жителите, а имаа значително влијание и врз туристичката сезона. (Крај)
извор: www.emsc-csem.org фото: архива