Скопје, 25. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Златната маска и ракавица од Охрид, Големата Мајка од Тумба Маџари, енеолитските дами, тетовската Менада, Свештеничката и уникатниот појас од Лисичин Дол, бронзениот штит од Бонче, Диатретата и златната фибула од Таранеш, уникатните теракотни икони од Виница се меѓу најексклузивните македонски артефакти кои се претставени во Водичот за постојаната археолошка поставка на Археолошкиот музеј на Македонија.
Археолошкиот музеј на Македонија го промовираше Водичот во кој на 130 богато илустрирани страници се опфатени најзначајните археолошки наоди од над 8.000, кои се дел од збирката на музејот, а се откриени на територијата на Република Македонија во изминатите 70 години.
Водичот е објавен на македонски и на англикси јазик, поделен е во 15 целини за различни периоди – од палеолитот до средниот век и османлискиот период и поглавја за богатата нумизматичка колекција со вредни монети и камена и мермерна пластика и епиграфски споменици од Лапидариумот.
На подготовката на Водичот низ постојаната археолошка поставка работеа кустосите Ирена Колиштркоска-Настева, м-р Јане Клековски, д-р Александра Папазовска-Санев, м-р Елена Стојанова Канзурова, д-р Славица Бабамова, Мила Шурбиноска и Бисера Дамевска, додека автори на фотографиите се Александар Ѓорѓиев и Владо Кипријановски. (Крај)
извор: Република фото: Република