октомври 23, 2014

За Охридцките работи
Бр. сл. 013/08/2014
Охрид, 2. август 2014 година

Едно време на радио често знаевме да кажеме дека „во Охрид секогаш се слушала најдобрата музика“…

Така беше.. И уште е така, а признанието кое ние како Супер радио го добивме за најслушана локална радио станица во Република Македонија ни дава за право да тврдиме дека тоа е жива вистина.

Велат за вкусовите не се зборува и со тоа тврдење се согласуваме „за сите пари“, ама сепак има понекогаш моменти кога едноставно се поминува онаа линија на добриот вкус. Охрид треба да го задржи достоинството како град на многу великани, град на културата, град од кој ќе почнуваат големите и напредни идеи и процеси.

Зш море шо и фалит на Цеца?

Вака отприлика „се сврте“ еден разговор деновиве.

Ништо бе пријател, се` си имат вишок, ништо не и фалит.

Има вишок пари, вишок силикони, а најстрашно е што има вишок влијание врз огромна маса луѓе кои се препознаваат во нејзината музика. Има се` што треба за една вистинска срцепарателна холивудска приказна. Мало девојче од некое селце во Србија, доаѓа во големиот град, каде има семафори, кино, театар, паста за заби и останати непремостиви животни предизвици. Ама има и кафани, сплавови и останати места за развивање на културно-забавниот живот. Потоа го среќава човекот на својот живот, кој за многумина е воен злосторник, па него го убиваат на сред Белград, па продава фудбалери ваму-таму, па нешто во затвор, па во српската „Сабја“ ја сецнаа малку…

Таа е вистински идол и пример за успешна жена за сите кои велат дека овде нема работа, додека со Ајфонот од 500 евра, седат по цел ден во некој кафе бар, пушат „Малборо“ и пијат виски.

– Немат работа бе брат. Јас ќе му работам нему за 200 евра. Не бе, убо ми е вака.

И убаво му е. Додека тато носи, мама меси, убаво му е. Додека стигнува од дедо пензијата арно ќе е. После….? После Нов Зеланд нормално, шо после.

Не ми е за Цеца, за нас ми е. Таа си е институција и очигледно жената совршено добро знае што прави. Таа имаше, како што слушам, околу 100.000 „причини“ да дојде во Охрид. Дојде, испеа, ги собра „причините“ и замина…

Толку…

Затоа не се секирам јас за неа, и порано доаѓала и си заминувала. Проблемот наш е овде. Овде и само овде, но за тоа после летово. Ајде да видиме дали ќе вроди со плод задоцнетата памет и реакцијата од сред лето заедно со констатацијата дека, замислете, слаба била сезоната. Шо зборвиш бе?…. Не е можно. Е фино шо Ви текна да се соберите да поразговарате за тоа. Тие пред вас генијалците правеа анкети за туризмот во Охрид преку сондажи на локални сајтови и од тоа ќе правеле стратегии.

Имаат убав збор еден овде старите – НАЛБАТИ. Ама за ова од септември, да не си го расипувам писаниево за сестра Цеца.

Кога само ќе се сетам дека во овој град живееја луѓе кои со плочи под рака излегуваа по чаршија. Се караа кој чија песна пуштил. Овде имаше ликови кои во радио станици се јавуваа да се караат затоа што Дџ-јот се дрзнал да ја пушти „нивната“ песна. Дали е ова градот на ДИСКО „Палас“, на „Славија“, на момците од Воска кои имаа посебна кореографија, на „Мецофорте“, на „Метропол“, на „Парк“, на сендвичите кај „Баче“, на „Мажестик“ со Сречко на врата и Трајковците горе, на „Џез Ин“, на „Чарли“, на „Ла бамба“, на „Десарет“, на „Градиште“, дали е ова градот каде се чекаа славните холанѓани наши охридски од кратката „печалба“ таму, покрај останатата роба „да купат“ и некоја плоча да донесат, дали е ова градот каде не можеше секоја „шуша“ да отвора локали, барови…

Дали е ова тоа, дали е ова мојот Охрид?

Секако да. Тој е тука, и луѓето се тука, ама не можат да дојдат до израз од новокомпонираниве татини синови и инстант-бизнисмени кои сега го креираат „јавното мислење“ и вкусот во градот. Се` е сега инстант, сега и одма – се` е турбо фолк и естрада. Естрада ни се политичарите, локалците, медиумите, естрада ни е секој сегмент од животот, затоа што не е важна суштината, важно е само тоа да блеска, да се фото-репортерите и камерите тука, да се смешкаме и сликаме, да фаќаме пози за сето тоа да изгледа фино за јавноста и да не се види колку се` е труло одвнатре.

Арно си рече Рамбо Амадеус, кумот на турбо фолкот – човекот кој му го „тури“ името:

„Фолк е народот, турбо е систем за вбризгување бензин под притисок во моторите. Турбо фолк е горење на народот и будење на најниските страсти кај секој homo sapiens“.

И не би додал ништо, тоа е тоа, жалосно е само што Охрид станува место каде тренираат почетници.

Вака беше за Илинден последниве две години:

Лето 2013-то – Roger Sanchez и Ferry Corsten од една, војвода Аца Лукас од друга страна.
Лето 2014-то – „The Voca People“ и Danny Tenaglia (не дојде човекот оправдано) од една, сестра Цеца од друга страна.

Еве еден предлог – Следната година Dj Tiesto донесете го и од другата страна сточен саем организирајте…

Да сте ми живи и здрави до следното илинденско изненадување.

Сашо Митан

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука