ЗНМ бара итна истрага за запаленото возило на новинарката Сузана Вренцовска од Охрид
јануари 6, 2025

Скопје/Охрид, 6. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) најостро го осудуваат инцидентот во кој беше запалено возилото на новинарката на порталот сдк.мк, Сузана Вренцовска, од Охрид.

– Возилото било запалено на 5-ти јануари 2024 година, во дворот на семејната куќа, во гаражата каде што било паркирано. Според првичните информации, постои сомнеж дека станува збор за намерно предизвикан акт. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент. Овој случај укажува на загрижувачки тренд на зголемени ризици со кои се соочуваат новинарите во земјава. Дополнително, ова не е изолиран инцидент. Во октомври 2024 година беше запалено и возилото на колегата Благој Серсемов, уредник на локалната телевизија и онлајн медиум М-нет од Штип. Иако мотивите за овие напади сè уште не се утврдени, важно е да се истакне дека ваквите инциденти, доколку немаат правна разрешница, може да создадат чувство на несигурност меѓу новинарите и да ја поткопаат нивната работа во служба на јавниот интерес, стои во реакцијата.

Од ЗНМ ги повикуваат надлежните институции да преземат итни и конкретни мерки за целосно расветлување на двата случаи, а сторителите мора да бидат идентификувани и соодветно санкционирани.

– Недозволиво е да постои неказнивост и да се создава простор за шпекулации во јавниот дискурс. Брзото дејствување е од клучно значење за зачувување на слободата на изразување и за спречување на самоцензура кај новинарите, потенцираат од Здружението на новинари на Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука