Охрид, 1. август 2019 ( ОХРИДПРЕС) – Плоштадот кај Чинарот кој години наназад чека на реконструкција, сезонава привремено се среди со тезгите кои се поставени на просторот кој претходно се користеше за паркинг.
Иако беше најавено дека плоштадот заедно со фонтаната ќе биде комплетно среден и на овој простор ќе му се даде нова димензија од тоа сеуште ништо.
Во март минатата година беше распишан и архитектонски Конкурс за избор на идејно архитектонско решение за реконструкција на плоштадот. Реконструктивниот зафат требаше да го опфати сегментот од булевар „Туристичка“ до самиот Чинар во правец исток-запад и од постојниот паркинг до крајот на чаршијата во правец север-југ, но до денес нема ништо од тоа. Во неколку наврати само беше санирана и чистена фонтаната, која претставува лоша слика за охриѓани, но и бројните туристи и екскурзијанти, пред кои е непријатна слика.
Оваа сезона локалната одлучи да промени нешто до целосната реконструкција на плоштадот, па засега само унифицираните тезги кои се поставени на паркингот го облагородија овој дел.
Со тезгите кои се поставени од едната страна стопанисува ЈП „Градски пазар“ од каде не информираа дека моментално има 12 тезги, за што имаат склучено договор со општината до крајот на годинава.
Слободни се уште 2-3 тезги, а на останатите се продаваат сувенири и рачно изработен накит и предмети. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес