Охрид, 28. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Иако веќе 20-тина дена не работи, лизгалиштето на мраз што на 31-ви декември беше поставено на Кеј „Македонија“, и понатаму стои пред Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.
Лизгалиштето го постави Агенцијата за млади и спорт, а општината ги изведе подготвителните работи.
– Според пресметките лизгалиштето на мраз во просек трошело по 200 евра дневно за струја, а приходите од влезниците кои чинеа 100 денари за изнајмување на лизгалките се околу 6.500 евра, изјави неодамна за Супер радио и OhridPress директорката на ЈП „Билјанини извори“ Гордана Јованоска.
Лизгалиштето во Охрид беше поставено преку проект за изнајмување и поставување на Агенцијата за млади и спорт, а освен во Охрид лизгалишта беа поставени уште во шест општини. Проектот беше „тежок“ 14.000.000 денари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес