Охрид, 6. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Иако секоја година во се’ помал број, младите коледарчињата сепак ја продолжуваат традицијата и се најубавиот украс секој Бадник пред домовите на охриѓани.
Коледе леде
паднало греде
утепало деде
деде се мачи
баба го квачи
со четири јајца
гускини, шаткини.
Денес е Коледе,
утре е Божиќ
ќе колеме теле
теле вика леле
не колете мене
ќе ви купам зеље
да месите пита
да јадете сите.
Коледееееееееее…
Пеејќи ја песната, тие добиваат костени, јаболка, мандарини, портокали и парички како вистински предвесници на раѓањето на Исус Христос.
По пауза од две години, денеска продолжи старата духовна традиција, Бадниковата поворка во Охрид. Околу 800 деца, во придружба на родителите, чекореа во поворката по охридските улици, пеејќи ја песната „Вечниот Бог”, како најава на Христовото раѓање. Тргнаа од црквата „Св. Ѓоргија“ во Горна Влашка мала, па преку улиците „Јане Сандански“ и „Туристичка“, коледарчињата преку охридската чаршија стигнаа до Градскиот плоштад.
Бадник е празник кој традиционално се прославува во кругот на семејството. Домаќинките во домовите ја подготвуваат бадниковата посна трпеза. Вечерва вечерата ќе биде најдолга, се до полноќ, затоа што се чека раѓањето на Исус Христос за да се честита со зборовите „Христос се роди – навистина се роди“. За Бадник традиционално домот се украсува со бадниково гранче. Овој неизбежен симбол на Бадник го симболизира здравјето, го слави животот и вечната среќа. Според народните верувања, токму со ова дрво праведниот Јосиф запалил оган за да го затопли штотуку родениот Исус и неговата мајка Марија. Бадниковото гранче уште се нарекува дрво на животот, исто како она дрво на животот во рајот што симболично дава вечност. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива