Охрид, 19. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Иван Лотески е среќниот фаќач на чесниот крст за 2018-та година во Охрид.
Сончевиот, но студен празничен ден беше вистински магнет за илјадници верници, но и за сите охриѓани и туристите од земјава и странство кои дојдоа во центарот на градот да го следат осветувањето на езерските води.
– Чувството е прекрасно, за ова живееме преку цела година. Денес јас бев најсреќен, ќе продолжам да скокам и понатаму. По Светиот крст во езерските води скокам веќе 14 години, годинава ми се посреќи. Среќа, здравје и бериќет им посакувам на сите и им го честитам овој голем празник, изјави Лотески, кој ќе носи среќа за своето семејство, својот Охрид, но и за целиот христијански свет.
Над 350 лица одлучија да скокнат по крстот, на температура на езерската вода од околу 7,6 степени. Манифестацијата помина во одлична организација на локалната самоуправа, а сосема малку работа имаа и екипите на охридскиот Црвен крст, кои им помогнаа на неколку капачи да излезат од ладните езерски води.
– Годинава направивме ретко добро организиран црковно-народен собир и на достоинствен начин, масовно го одбележавме големиот празник Богојавление – Водици. Овој настан веќе станува и дел од туристичката понуда, бидејќи секоја година имаме се поголем број посетители. Со денешното чествување, го заокруживме и проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“, за кој сметаме дека ќе ја збогати туристичката понуда за време на зимскиот период, рече градоначалникот Јован Стојаноски, посакувајќи им на граѓаните добро здравје, среќа и бериќет.
Голем број православни верници го посетија Охрид и присуствуваа на централната манифестација на осветувањето на водите на Охридското Езеро. Верниците наполнаа и од осветената езерска вода, која ја понесоа во своите домови, за здравје и како чувар од секакви искушенија.
По централната манифестација, на „Сараиште“, денеска се одржа и традиционалното групно крштевање, а утре на истото место ќе биде одбележан Денот на рибарите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес