Вевчани, 5. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Откако ланското издание помина во сенката на немилиот настан, кога во сообраќајна незгода загина еден млад жител на селото и беше откажан забавниот дел од карневалот, Вевчанци годинава одбројуваат до денот кој го чекаат целата година.
Вевчанскиот карневал е најпознатиот бренд на Република Македонија од овој вид, кој традиционално се одржува на 12-ти, 13-ти и 14-ти јануари. Така е со векови, а можеби и со милениуми, една од најстарите традиции на Македонија и Вевчани која се претпоставува дека има континуитет најмалку 1.500 години.
Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но веќе години наназад има и богата музичка програма. Вевчани е и вистинска туристичка атракција. Лоцирано на падините на планината Јабланица, со недопрена природа како Вевчанските извори, богата историја, традиционална архитектура, специјалитети од локалната кујна, традиција и фолклор.
Освен дефилето на маски за кои се зборува цела година потоа, за посетителите ќе има и богата музичка програма. На 12-ти јануари ќе настапат Пајак, Ареа и бендот Забрането пушење. Во понеделник, на 13-ти јануари, по карневалските фешти ќе настапат Љубојна, Наум Петрески, оркестарот со зурли и тапани Вевчани, а по нив настап ќе имаат Перо Бели и Коки Биоритам. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес