News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
октомври 25, 2024

Скопје/Охрид, 25. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од следната година од скопскиот и охридскиот аеродром ќе се лета до Дубаи, Барселона, Лион, Штутгард, Истанбул и Базел Милхауз.

Ова следи по објавениот повик на министерството за транспорт за воведување нови авионски линии што ќе бидат субвенционирани.

– Од 30-ти март 2025 година два пати неделно ќе се лета на релација Скопје- Дубаи-Скопје со „Флај Дубаи“, исто така од 30-ти јуни 2025 година два пати неделно ќе се лета на релација Скопје-Барселона-Скопје, со што се отвора Шпанија како дестинација, од 30-ти јуни 2025 година три пати неделно ќе се лета Скопје-Лион-Скопје со што се отвора јужна Франција прв пат како дестинација, како и три пати неделно на релација Скопје-Штутгард-Скопје, со што се отвора западниот дел на Германија, а тука е и Франција. Од Охридскиот аеродром два пати неделно ќе се лета на релација Охрид-Базел-Милхауз-Охрид, и можеби најзначајната вест врзана за охридскиот аеродром е дека „Туркиш ерлајнс“ почнува редовно да лета веќе од 30-ти март 2025 година на дестинација Охрид-Истанбул-Охрид, четири пати неделно што значи дека охридскиот аеродром го отвораме како дестинација кон најголемиот аеродром во Европа и аеродром кој што има најмогу конектинг летови, што е нова страница за аеродрмот, истакна ресорниот министер Александар Николоски.

Додаде дека четирите авиолинии, до Штутгарт, Барселона, Лион и Базел Милхауз ќе ги оперира компанијата „Визер“. Тој истакна дека директното поврзување со Дубаи, Барселона, Штутгард, со Лион, Базел и со Истанбул ќе донесат бројни нови туристи во Македонија, но исто така ќе овозможи и полесно патување за македонските граѓани.

Што се однесува до цените на билетите, министерот очекува да се доста пристојни, имајќи предвид дека се дава поддршка од буџетот, што изнесува 12 евра по патник на доаѓање на охридскиот аеродром и 9 евра по патник на доаѓање на скопскиот аеродром.

Николоски најави дека во подготовка е и вториот повик што ќе биде објавен во следните недели и кој што треба да донесе нови дестинации за што има интерес.

– Се надевам дека кон крајот на ноември или во декември ќе може да презентирам неколку нови дестинации кои што ќе летаат до охридскиот и до скопскиот аеродром, рече Николоски.

Тој информираше дека дека во летниот период од скопскиот аеродром оперирале 47 дестинации, а од охридскиот осум, додека во зимскиот 33 од скопскиот и четири од охридскиот аеродром. Целта е веќе следната година да има 200 илјади патници плус на двата аеродроми. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука