Избори во октомври, Охрид веќе има еден најавен кандидат, „војната“ ќе се води за Советот, Пецаков нема зошто да не се кандидира
јануари 3, 2025

Скопје/Охрид, 3. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Годинава која само што започна ќе биде една од поинтересните на политички план, со оглед на фактот што не очекуваат локални избори, кои според најавите треба да се одржат во октомври.

МИА излезе со анализа за „изборните маратонци“ и како ќе се трча до изборите, но пред тоа како стојат состојбите локално во Охрид.

Најскапите зборови во Охрид и за 2025: Автопат, трговски центар, затворен базен, загадување, згради…

Адвокатот Александар Новакоски, кој своевремено беше и претседател на Државата изборна комисија (ДИК) на неговиот официјален профил на Facebook уште во септември 2023 година ја најави кандидатурата за градоначалник на Охрид. Дали ќе остане на идејата до крај, останува да покаже времето.

Сите други се’ уште „ги кријат нозете“, но добрите познавачи потврдуваат дека бизнис групациите не ја исклучуваат можноста за обид за разводнување на моќта во Охрид и евентуално ширење на влијанието посебно во делот на Градскиот совет. Очигледно дека тука е теренот каде ќе се води најголемата битка, ќе се игра и на независни кандидати и ќе се кршат копјата овој изборен циклус во Охрид.

Д-р Кирил Пецаков неодамна во отчетот за првите три години од мандатот, сосема очекувано се осврна на сработеното со акцент на комуналната и сообраќајната инфраструктура. Тука покажа најмногу, а очигледно дека и граѓаните не се рамнодушни на овој дел. Со поблискиот однос кон нив, кој го негува и отвореноста, личната, но и како администрација, до овој момент тој успева да балансира помеѓу ветеното и оствареното. Во Охрид има уште многу да се работи, особено во делот на тоа како урбанистички треба да се развива градот, криминалот, иселувањето на најмладите, екологијата и заштитата на езерото, но патот е одбран и Пецаков чекори по него. Во вака поставени услови, најголемиот проблем на Пецаков останува немањето на соодветна опозиција од другата страна, која на долг рок ќе си го донесе својот данок, но тука веќе станува збор за карактери и како ќе успее да ги скроти соработниците да не „аздисаат за да не далдисаат заедно“ (или барем тоа да се одложи). Генерално, Пецаков на овие избори едноставно нема зошто да не се кандидира…

Во делот на првата фотелја на „Димитар Влахов“ број 57, СДСМ, како најголема опозициска партија ќе има тешка задача да се спротистави на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, без оглед дали од партијата ќе излезат повторно со актуелниот градоначалник, д-р Кирил Пецаков или со некое друго име. Потенцијалните кандидати кои се споменуваат во кулоарите тешко дека би имале некоја посериозна шанса на овие избори. Ова пред се’ поради поставеноста на политичката ситуација на државно и локално ниво, парите кои од Унгарскиот кредит ќе влезат во локалните самоуправи, но и брзината со која се носат одлуките. Сепак СДСМ е се’ уште голема партија и можно е да ги консолидира своите редови, но дали ќе успеат тоа да го направат за овој циклус, или ќе гледаат подалеку, па џокерите ќе ги искористат кога е најпотребно, ќе покаже времето. Визионерството и гледањето позади планината, особено на локално ниво, не им е силна страна долги години наназад, но тоа ќе мора да си го решат внатре и со сериозни и моќни луѓе, а не со „десетари“ како досега.

Левица на локално ниво постигна успех на последните избори и останува играч во сенка, кој доколку понуди поконцизни и поконкретни предлози и иницијативи, да се избегне понекогаш популистичкиот однос, може да го подобри успехот, ако не во број на советници, тогаш барем во бројки за потоа да можат да направат солидно партиско тело, кое ќе биде посериозна основа за натаму.

Од ЗНАМ тргнаа силно и со големи ветувања на почетокот, но сега, заедно со целата владина машинерија подзастанаа, ги преброија војниците и силата во своите редови, многу од кажаното, кажаа дека не го кажале, а тоа народот некаде ќе мора да го казни. Ако тоа легне на сметка на посилната ВМРО-ДПМНЕ, тие тој удар скоро и да нема да го осетат, барем не на овие избори, но ако „ударот“ падне на помалите, тогаш може да се почувствува и тоа силно. Која ќе е одлуката на партијата, дали ќе одат самостојно или здружно со пријателите останува да покаже времето, а тоа може и да ја дефинира судбината на овој и останатите помали политички субјекти.

Во продолжение и анализата на МИА:

Во 2024 година, Македонија доби нова Влада, а до крајот на 2025 година ќе добие и друга локална власт. Градоначалниците на 80 општини и Градот Скопје започнаа да ги „трчаат“ последните девет месеци од мандатот. Поголем дел од партиите, но и поединци, меѓу нив и актуелни градоначалници, и покрај завршувањето на парламентарните избори, не ја запреа кампањата и постојано се присутни, како на традиционалните медиуми, така и на социјалните мрежи. „Теренот“ е постојано актуелен, особено сега за новогодишните и божикните празници.

Несомнено, на локалните избори, актуелната владејачка коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски првпат по парламентарните избори повторно ќе се соочи со гласачите, но тие ќе бидат тест и за опозициските партии, како кај македонскиот електорат, така и меѓу партиите на Албанците во земјава.

Особено атрактивен за партиите и потенцијалните кандидати е главниот град чија што градоначалничка неодамна во телевизиско интервју веќе се изјасни дека нема да се кандидира за уште еден мандат.

Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ неофицијално засега има неколку потенцијални кандидати за прв човек на Градот Скопје. Очигледни се дури и кампањите на неколкумина кои или се надеваат на следен мандат или типуваат на главниот град.

Во таборот на опозициските партии, јавно засега нема кандидати за кои би можело да се каже дека размислуваат за прв човек на Скопје.

По катастрофалниот пораз на парламентарните избори, осипувањето на членството – дел поради разочараност, дел поради обвинувањата за корупција и злоупотреби на нивни функционери, СДСМ со нов тим работи на консолидирање на редовите. Се работи и на промоција на новиот партиски врв предводен од лидерот Венко Филипче.

За очекување е и „Левица“ да има кандидати за градоначалници, но и кај нив има промени во дел од партиската структура.

Големи турбуленции има кај партиите на Албанците по влегувањето на „Влен“ во владината коалиција и одењето на ДУИ во опозиција по две десетлетија на власт и ставањето на црната листа на САД на Артан Груби, а претходно и на Рамиз Мерко и обвинувањата за корупција на други нивни функционери. Но, едно е заедничко дека, барем медиумски, сите се присутни меѓу граѓаните „на терен“.

Меѓу поатрактивните за политичките противници, на кои граѓаните се надеваат дека ќе им се приклучат и независни кандидати, се скопските општини, но и поголемите градови како Битола, Охрид, Гостивар, Тетово, Штип, Струмица, Куманово…

Локалната власт не е комплетна без членовите на советите. Па така заедно со градоначалничката се води и трката за советничките места која речиси и да не се гледа во вестите на традиционалните медиуми и мноштвото информации на социјалните мрежи, но за граѓаните е особено важна бидејќи токму тие, советниците се нивниот глас кој води до надминување на секојдневните проблеми во местата каде што живеат.

Можни датуми за локалните избори: недела 19 или 26 октомври 2025

Загадувањето на воздухот, автобускиот или јавниот превоз, зеленилото, убавите и прегледни улици, канализацијата, чистотата, состојбата во училиштата, градинките, урбанизација… од денешна гледна точка, би требало да бидат главните прашања на овие избори. Навидум до октомври има многу време до изборите, но само за граѓаните кои не учествуваат.

Според сегашниот Изборен законик, локалните избори се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври. Доколку тоа остане така согласно сегашниот Изборен законик, тие треба да се одржат во недела на 19 или 26 октомври.

Дотогаш, односно веројатно најбргу, треба да се изработат измени или нов Изборен законик, согласно забелешките на ОБСЕ/ОДИХР. До последната недела на декември лани, од Министерството за правда се уште немаше најава за такво нешто. Работна група изготвуваше измени на Изборниот законик, но пред парламентарните избори, кои се одржаа на 8 мај 2024 година тие не беа донесени во Парламентот.

Потврдени се 303 листи за градоначалници и 567 за советници, информираа за МИА од Државната изборна комисија (ДИК).

За локалните избори тековно се подготвува и Државната изборна комисија, која според информациите од последната седница кога беше донесен Стратешкиот план за период 2025 – 2028 година, се соочува со кадровски проблеми односно недостаток на вработени. Претходно, беше екипиран составот на Комисијата, со двајца нови членови кои дојдоа од редовите на стручните служби. На пролет истекува четиригодишниот мандат на членовите на избирачките одбори и ќе мора да се избираат нови состави. Станува збор за бројка од околу 21.000 лица за кои се врши случаен избор од редовите на вработените во државната, јавната, општинската и администрацијата на градот Скопје. Во избирачките одбори има и двајца членови на предлог на политичките партии на власт и опозиција кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.

Претседателот на ДИК Борис Кондарко за МИА вели дека тие согласно законот работат тековно на организација на избори, подготвуваат нови обуки, подзаконски акти, се разгледуваат упатствата и.т.н. Четири пати годишно се прочистува и Избирачкиот список, согласно податоците што се добиваат од Министерството за внатрешни работи, а како што вели тој, граѓаните можат преку веб страната на ДИК секогаш да ги проверат своите податоци и доколку има потреба да побараат тие да се променат, избришат или корегираат.

Доколку има разговори за измени на Изборниот законик, ДИК, вели нејзиниот претседател, активно ќе се вклучи со нивни предлози во техничка смисла, но исто така ќе бара исплатата на платеното политичко рекламирање да не оди преку нив бидејќи тоа не е надлежност на Комисијата.

Кризата ги погодува и општините и поради тоа имаат намалена наплата на приходите, иако согласно последните податоци за долговите на општините се закучно со 31 март не може да се забележи неко

Територијалната организација на Републиката и подрачјата на општините се утврдуваат со закон. Локалната самоуправа во Републик Македонија е организирана во 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Во состав на Градот Скопје функционираат 10 општини, кои имаат поделени надлежности со Градот.

Локалните избори се одржуваат секоја четврта година, истовремено во сите 80 општини и во градот Скопје.

Првите локални избори по осамостојувањето во 1991 година, одржани се во 1996, и потоа во 2000, 2005, 2009, 2013, 2017, а последните беа во 2021 година.

Изборите ги распишува претседателот на Собранието со донесување акт што се објавува во Службен весник. Изборите се одржуваат најрано 70, а најдоцна 90 дена од денот на распишување на изборите. (Крај)

извор: МИА/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука