Охрид, 13. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Не разговаравме за одложување на изборите, нема потреба за таква одлука во овој момент. За секоја нова состојба ќе разговараме.
– Сега е важно да ја усогласиме предизборната кампања со мерките на Владата, да знаеме дека ситните политички поени и партиските интереси не придонесуваат за здравјето на граѓаните, рече премиерот Оливер Спасовски по лидерската средба, со што е веќе изгледно дека изборите и покрај состојбата со Корона вирусот и мерките кои се преземаат, сепак ќе се одржат.
Неодамна и лидерот на СДСМ ја отфрли можноста за одложување на изборите и најави измени во кампањата, односно дека истата ќе се води на медиумите и социјалните мрежи.
Оваа состојба беше за очекување и медиумските експерти уште со влошувањето на состојбата со Корона вирусот започнаа со разгледување на опциите за најсоодветно да се испратат пораките до гласачите. Законодавецот предвидел ограничено време на медиумите за рекламирање од 9 минути на реален час. Од нив 4 минути се за двете најголеми политички партии од позицијата, 4 за двете најголеми политички партии од опозицијата и само една минута за политичките партии во Собранието на државата кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието или за кандидати, како учесници во изборниот процес. Главната „војна“ ќе се води на порталите и социјалните мрежи, каде ќе се искористат сите можности кои ги нуди модерната технологија за да се стигне до глас повеќе.
Во меѓувреме, течат и роковите и подготовките за изборите кои се закажани за 12-ти април. Синоќа истече рокот за доставување на кандидатските листи на пратеници, по што почнаа да течат роковите за нивна проверка и за евентуална корекција. Откако листите ќе се потврдат, учесниците на изборите треба да отворат трансакциска сметка со единствен даночен број за финансирање на кампањата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива