Скопје/Охрид, 17. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – На овие избори за прв пат се користи биометриската идентификација на гласачите, односно читачи на отпечатоци на прст. ДИК, за 11 милиони евра, набави 4.000 терминали од фирмата „Дермалог“, кои се распоредени на секое избирачко место и со нив ќе ракуваат само претседателот и неговиот заменик.
Како и порано, гласачите мора да имаат важечка лична карта или пасош, со која ќе се идетификуваат пред изборачкиот одбор. Тогаш се скенира десниот показалец а отпечатокот мора да се совпадне со оној во системот, направен при вадење на лични документи.
– Избирачкиот одбор мора да добие повратна информација од системот дека отпечатоците се совпаѓаат и лицето го нема остварено своето право на глас. Доколку уредот не може да најде совпаѓање на отпечатоците од прсти, сигнализира со жолта боја. Во тој случај избирачкиот одбор го идентификува гласачот преку важечка лична карта или пасош и проверува дали гласачот е запишан и дали е потпишан во печатениот избирачки список. Доколку се утврди дека гласачот го има во печатениот Избирачки список и нема гласано, се внесува во уредот преку отчитување на личниот документ на скенер или со преку внесување на матичниот број, соопштија од ДИК.
Според прописите, во првиот круг за победник односно избран градоначалник се смета кандидатот кој освоил 50 отсто плус еден глас од вкупната бројка на граѓани кои излегле да гласаат, но услов е и излезноста да биде најмалку 33 отсто, односно барем една третина од гласачите да го оствариле своето право на глас. Доколку излезноста е под овој процент, без разлика на бројката на освоени гласови се оди во втор круг. Доколку ниту еден кандидат не освоил 50 отсто плус еден глас во вториот круг одат двајцата кандидати со најмногу гласови. Советниците се бираат само во првиот круг по т.н. „Донтов модел“. Вториот круг на седмите локални избори ќе се одржи по две недели, на 31-ви октомври. (Крај)
извор: slobodnaevropa.mk фото: архива