Скопје, 23. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – По прегласувањето има само една промена во пратеничките мандати. „Вреди“ во 6-тата изборна единица го доби 8 мандат, односно на ниво на држава сега има 14 пратеници.
Нова пратеничка е Имрлије Салиу Фетаи од Гостивар, која доаѓа на местото на актуелната заменичка министерка Фатмире Исаки од „Европскиот фронт“, предводен од ДУИ. Исаки е претставник на ДПА, а со губењето на нејзиното пратеничкото место, во Парламентот ќе остане само партискиот лидер Мендух Тачи, додека коалицијата на ДУИ паѓа од 19 на 18 мандати.
Коалицијата на СДСМ сега доби помалку гласови во 5-тата изборна единица, но останува на ист број мандати (и во Изборна Единица 5 и во цела држава) затоа што во битката за место во Собранието победи ДУИ со што Исмаил Јахоски пд Пласница останува пратеник.
Во прегласување во 5-тата изборна единица зголемен број на гласови имаше и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но Донтовиот модел за пресметување беше на страната на интегративците и по прегласувањето излегоа со уште поголема предност пред коалициите на СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ. Најблиску до местото беше Боби Мојсоски од ЛДП (коалиција предводена од СДСМ), но сепак остана зад Јахоски.
Од друга страна, иако СДСМ повторно „стопи“ дел од гласовите сепак напредуваше на листата за пратеници со своите 18 мандати и сега се изедначи со коалицијата на ДУИ. Но, предноста е на страната на социјал-демократите поради тоа што имаат речиси 17 илјади гласови повеќе од Фронтот на ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ излегува од прегласувањето со нов плус во гласови (371 глас повеќе од 8-ми мај), но останува на ист број мандати 58.
Левица и ЗНАМ имаат минимално намалување на гласовите и остануваат на ист број мандати – по 6.
Единствениот плус во мандати и тоа само со прегласување на едно избирачко место, во селото Ларце, општина Желино, во 6-та изборна единица е коалицијата „Вреди“ која сега има 14 мандати, а повеќе од половина пратеници им се од шестката. (Крај)
извор: Тв Телма фото: архива