Охрид, 11. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Препораките на УНЕСКО за природното и културното наследство на Охридскиот регион остануваат недоволни, констатира Европската комисија (ЕК) во извештајот за напредокот на земјава во 2023 година.
– Секретаријатот на Бернската конвенција изврши мисија во врска со отвореното досие „Наводни негативни влијанија врз Охридското Езеро и Националниот парк Галичица – кандидати за области на Емералд“, поради развој на инфраструктурата. Во јули 2023 година, ЕУ и Македонија го потпишаа договорот за учество на земјата во програмата LIFE. Приклучувањето кон програмата LIFE ќе и овозможи на земјата да учествува во различни активности за заштита на животната средина, вклучително и поддршка за природата и биодиверзитетот и климатските активности, се прецизира во извештајот.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на официјалната посета на УНЕСКО, во обраќањето на маргините на 42-та Генерална конференција на Организацијата, што се одржа во седиштето на УНЕСКО во Париз неодамна истакна деа нашата соработка со УНЕСКО датира од 1979-та и 1980-та година, кога нашиот бисер, Охридскиот регион, влезе под закрилата на УНЕСКО.
– И, денес со гордост го вбројуваме меѓу едно од вкупно 39-те културни и природни наследства во светот. Ова за нас значи континуитет, богатство, но и обврска да го чуваме. Ниту еден друг интерес не смее да е поголем од заложбата да се сочува и заштити ова, наше и светско, природно и културно добро. Тоа им го должиме на предците и на идните генерации. Охридскиот регион е магичен сплет на природа, историја, религија, уметност и писменост. Во него ќе најдете преку 2.500 квадратни метри фрески на византиската уметност во која учествувале и локални македонски мајстори; над 800 скапоцени икони создавани меѓу 11-от и 14-от век; антички мозаици, османлиски џамии; колекции на старословенски, византиски и османлиски ракописи, и што многу работи. И сето тоа расположено околу едно од најстарите и најубави езера во Европа, кое во себе крие голем број ендемски и ретки слатководни видови флора и фауна, истакна Ковачевски.
Тој додаде дека наш императив е да го одржиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот регион, во соработка со Центарот за светско наследство на УНЕСКО. И, заедно со Република Албанија да бидеме пример за добрососедска соработка и во заштитата на ова, и заедничко, и универзално добро. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес