Охрид, 31. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Маестрален концерт за паметење одржа вечерва светски познатиот виртуоз на харфа Емануел Сејсон, во амбиентот на традиционалната сцена за музичарите на фестивалот „Охридско лето“, црквата „Св.Софија“.
На програмата изведе дела од Бах, Шпор, Рение, Дебиси, Форе и Салзедо.
Емануел Сејсон студира харфа на Конзерваториумот во Лион, а подоцна и на Парискиот конзерваториум во класата на Изабел Морети. Од 2005 година неговата успешна кариера го води во некои од најпрестижните концертни сали како „Вигмор хол“ во Лондон, салата „Гаво“ во Париз, „Карнеги хол“ во Њујорк, „Концертхаус“ во Виена, салата на Берлинската филхармонија и многу други. Во 2004 година Сејсон се закитува со златниот медал на Интернационалниот натпревар за харфисти во Блумингтон (САД), каде ја добива и специјалната награда за најдобра изведба.
Тој е добитник на прва награда и шест специјални награди на аудициите за млади музичари во Њујорк во 2006 година, а во 2009 година победува на престижниот натпревар „АРД“ во Минхен. Во 2010 година е номиниран во категоријата „Најдобар инструменталист “ на изборот „Victoria de musique classique“ во Франција, а во 2011 година е добитник на наградата за развој на кариерата од страна на Францускиот институт за уметности.
Во моментов Емануел Сејсон е соло-харфист на операта „Метрополитен“ во Њујорк и предава харфа во школата за музика „Менс“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес