Охрид, 22. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Низ охридската јавност струи веста дека изворите од кои Охрид се снабдува со вода за пиење секнале и градот добива вода за пиење од Охридското езеро.
Од охридски „Водовод“ велат дека изворите не се секнати, туку нивната издашност е само 2-3 литри во секунда, а како причина ја наведуваат сушата и климатските промени. Сега градот се снабдува со вода од пумпената станица „Метропол“ каде езерската вода се прочистува преку филтомати. Се отвора дилемата дали и ова е една од причините за така ниското ниво на водостостојот на Охридското езеро.
Изминативе денови повторно видно е намален водостојот на езерото. Еколозите и експертската јавност веќе подолго време предупредуваат дека Охридското езеро се користи како акумулација со тоа што вештачки се регулира и таквиот пристап доведува до променливи состојби кои се опасност за живиот свет во езерото.
Според стручните лица од Хидробиолошкиот завод ендемичните видови живеат во ареали и тоа токму во крајбрежните делови каде што се и најзабележливи промените во водостојот. Па, нормално ваквите промените со нивото на водата претставуваат опасност за живиот свет.
Дејан Пановски во емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио истакна дека индивидуалната свест, но и ангажирањето на инстутициите за решавање на одредени проблеми се клучни кога станува збор за грижата на Охридското езеро. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива