јануари 29, 2018

Охрид, 29. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот совет разреши и постави нови членови на одборите во основните, средните училишта и детската градинка „Јасна Ристеска“, власта и опозицијата со различни ставови околу законитоста на одлуките.

Советниците на ВМРО ДПМНЕ, пред и денеска да ја напуштат работата на советот во знак на поддршка на нивните притворени пратеници, обвинија дека постапката е направена спротивно на законите и деловникот за работа на управните и училишните одбори и во спротивно на статутот на општина Охрид.

– На досегашните членови на управните одбори не им истекол мандатот, не дале оставка ниту имале неоправдано отсуство повеќе од три седници на одборите. Советот не може на нивно место да насзначува нови членови. Тие позитивно се изјасниле во врска со наставниците коишто не им биле продолжено договорите за работа, а сега се менуваат само за партиски цели, знаејќи дека за брзо време треба училишниот одбор, како највисок орган, да одлучува за сегашните в.д, да станат директори на училиштата, рече советникот Илија Арнаудовски.

Според градоначалникот Јован Стојаноски постапката е спроведена согласно законот.

jovanstojanoski

– Мандатот на претходните членови е помината. Тој изнесува три години во основните училишта, а во средните и градинките се четири години. Има еден мандат кој се одзема заради неспоивост на функција и уште еден заради исполнет законски услов, а тоа е неприсуство на три седници на училишниот одбор, за што имаме и писмена дојава од страна на средното училиште, потенцира Стојаноски.

На шестата седница на градскиот совет меѓу другото беа прифатени и одлуките за организирање одделни услуги од дејноста на детската градинка „Јасна Ристеска“ , во  дел од просториите  на подрачното училиште Рача при ОУ „Григор Прличев“ за спроведување мерки за субвенционирање на трошоци за комунални услуги, за формирање Штаб за заштита и спасување,  за одобрување финансиски средства за материјално – финансиска поддршка на спортски клубови на подрачјето на општина Охрид за 2018 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука