Охрид, 18. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) го поништи тендерот за избор на фирма што требаше да го проектира и ревидира основниот проект за Конгресниот центар во Охрид
– Поради непредвидени и објективни околности се промениле потребите на договорниот орган, се наведува во образложението објавено на веб – страницата на Бирото за јавни набавки. Огласот за избор на проектантска куќа за изградба на овој објект во Охрид беше распишан на почетокот од мај годинава од страна на претходното раководство на ЕЛЕМ. За изградба на Конгресниот центар во населбата Далјан веќе беше изработено идејно решение од архитектката Ивана Ралевиќ.
Новиот генерален директор на ЕЛЕМ Драган Миновски посочи дека државната енергетска компанија во иднина ќе се посвети на зголемување на домашното производство на електрична енергија. Предвидувањата за тековната година се дека македонските енергетски капацитети ќе произведат 3.600 гигават – часови електрична енергија, што би било историски најнизок резултат од осамостојувањето на земјава. Директорот Миновски нагласи дека компанијата ќе направи максимален напор за да се зголеми производството на струја од домашните енергетски капацитети. Тој напомена и дека компанијата до крајот на 2017 година ќе влезе во минус. При примопредавањето на директорските позиции во ЕЛЕМ на сметката на компанијата имало 7,3 милиони евра расположливи средства, но до крајот на годинава ќе мора да се вратат кредити во износ од 12,5 милиони евра.
Изградбата на Конгресниот центар во Охрид беше еден од последните проекти на претходното раководство во неенергетскиот сегмент од работењето на компанијата. Објектот во Охрид требаше да има голема сала со капацитет од 1.500 до 2.000 седишта и четири до шест помали сали со капацитет од 200 лица. Претходните раководства на ЕЛЕМ инвестираа и во новата „класицистичка“ зграда од проектот „Скопје 2014“, но и во некои од зимско – рекреативните центри во земјава. (Крај)
извор: build.mk фото: build.mk