март 23, 2017

Охрид, 23. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – „Задачите се зададени“ е насловот на новата книга на реномираниот охридски поет Зоран Јакимоски.

Книгата збирка поезија е издадена од Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје. Содржи неколку поетски целини: „Муграта иде“, „Задачите се зададени“, „Пладнето се пресликува во мене“ и „Песната на залезот“. Бројот на песни е 33.

Според поетот Славе Ѓорго Димоски, новото дело на Јакимоски се карактеризира со специфичен поетски јазик.

– Вештото користење на поетскиот јазик и нагласениот лирски субјект, придонесуваат оваа исклучителна збирка песни безрезервно да се вклопи во нашиот актуелен поетски миг, но и да ја следи современата европска поетска интенција, вели Ѓорго Димоски.

Додека поетесата Лидија Димковска за книгата „Задачите се зададени“ пишува дека поезијата на Јакимоски е (авто) референтна, (пост) модерна, а поетот има онтолошки став „сеуште имам што да кажам“.

Зоран Јакимоски е роден 1968 година во Велестово. Досега има издадено шест збирки поезија. Негови песни се препеани на десетина странски јазици, а самиот препејува од бугарски и хрватски на македонски јазик. Застапен е во повеќе избори и антологии во Македонија и странство. Член е на ДПМ и литературниот клуб „Григор Прличев“ Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука