Охрид, 15. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Изложбата „Антологија 4“ содржи дела од преставниците на Наивната Уметност, кои се дел од колекцијата на Современа уметност во сопственост на НУ Завод и музеј – Охрид ќе биде отворена за посетители до четврток, 18-ти јули 2024 година.
Делата се изложени во Куќата на Робевци, а на отворањето зборуваа м-р Горан Патчев, в.д. директор на институцијата и м-р Сашо Блажески, куратор на изложбата.
– Современата наивна уметност во бившите југословенски простори која еден од најистакнатите теоретичари на наивната уметност Антон Јаковски ќе ја нарече југословенско чудо, започнува во триесеттите години од 20. век во хрватското село Хлебине. Хлебињската школа, со Иван Генералиќ како најистакнат претставник на истата, која има за цел да покаже дека сликарството не е привилегија само на „богатите деца“, ќе стане популарен облик на ликовно изразување во сите југословенски републики. Сликарска школа од селани и работници ќе се отвори и во банатското село Копривница каде шестнаесет наивни сликари од словачко потекло ќе го уредат селскиот дом на култура во галерија со постојана поставка на нивното наивно сликарство. Кај југословенските наивни сликари, животот и уметноста се неразделно поврзани. Карактеристично за нив е претставувањето на сопственото животно искуство пред сѐ, чувството за животот и особено нагласување на грубоста на селскиот начин на живот, информираат од Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид.
За авторите:
Јан Књазовиц – Еден од најдобрите сликари на наивата, одличен познавач на бојата и композицијата. Во неговиот сликарски опус, главно преовладуваат две фази, светла и темна фаза. Карактеристично за овој автор е самата градба на композицијата каде секогаш доловува работна акција, каде акцентот, односно главната фигура во композицијата, е јасно истакната по големина, излегувајќи секогаш во преден план. Мотивите ги црпи од словачкиот фолклор и словачките обичаи.
Иван Лацковиќ – Во своите почетоци, Лацковиќ го прераскажува своето доживување на природата и животот во своето родно село Батина. После преселувањето во Загреб 1957 година, продолжува со сликање на роднокрајните пејзажи, внесувајќи одредена поетичност во композициите, во кои вметнувал и настани од руралниот живот. Во најраните слики кои ги работел најчесто на стакло, преовладуваат смирени зимски мотиви, додека покасно се јавуваат мотиви кои имаат симболично значење. Покрај пејзажите, слика и фигурални композиции и цвеќиња.
Андреј Вењарски – Префинетиот цртеж и особено развиеното чувство за детали се главните карактеристики во творештвото на Андреј Вењарски. Исто како 2 и другите наивци од селото Ковачица, мотивите ги црпи од словачкиот фолклор и од начинот на кои живеат луѓето таму, ставајќи особен акцент на жанровските теми, пасење волови и коњи, опис на стари занаети каде неизбежен елемент е и словачката народна носија.
Иван Генералиќ – Еден од основачите на Хлебињската школа, меѓународно познат наивен сликар кој ја развива техниката на сликање на стакло до мајсторство и кој силно влијае на другите хлебињски уметници. Почетоците на Генералиќ го карактеризираат таканаречениот социјално-критички реализам. После 1945 година, се осврнува кон сликање на пејзажи и мртва природа кои се карактеризираат со едноставни стилизирани форми и сигурност во цртежот, а во кои особена важност е придадена на колоритот и перспективата. Главниот мотив како и на другите хлебињски наивни сликари е селото, но за разлика од нив, наместо изразување на социјалните емоции, Генералиќ тргнува кон идеализација.
Вангел Наумовски – Еден од најпознатите македонски сликари, меѓународно познат наивен сликар чиј стил подоцна ќе премине во фантастичен надреализам. Сликар кој Салвадор Дали на неговата изложба во Галеријата Мона Лиза во Париз, ќе го нарече „сликарот на бајките“. Најраниот период од неговото сликарство го карактеризираат амбиентот на познатите охридски староградски ентериери, на локалните митови и обичаи, насликани во чисто наивен манир. Во 1960 година, настанува пресвртница во неговото сликарство кога Наумовски создава слободни разиграни композиции во кои органските стилизирани форми имаат нагласен еротизам. Со нив, Наумовски се приближува до надреализмот, а истовремено кон нефигуративното и психоделично сликарство. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива