Белград/Охрид, 23. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Изложбата „100 години Требениште“ е претставена на најзначајната туристичка манифестација во Србија, Меѓународниот саем за туризмот.
Тема на годинашниот саем е „Културното наследство како туристичка понуда“ со посебен фокус на понудата на белградските музеи и институциите на културата. Народниот музеј од Белград на саемот ја промовираше изложбата „100 години Требениште“, како најава за нејзиното отворање оваа година во српската престолнина, јави Нова Македонија.
Археолошката изложба „100 години Требениште“ беше отворена лани во март во Археолошкиот музеј во Скопје, во присуство на авторите на изложбата од овој музеј, од Народниот музеј од Белград и од Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија, каде што како и во Заводот и музеј во Охрид се чуваат вредните артефакти од овој охридски локалитет. На оваа изложба првпат заедно се презентираат околу 400 експонати, откриени во повеќе наврати во различни периоди на локалитетот од 1918 до 2018 година. Изложбата во Скопје беше отворена до крајот на август, а годинава ќе биде презентирана во Белград, па во Софија. Таа е проследена со репрезентативна монографија чии автори се 26 еминентни стручни лица од трите земји.
Поставката ги содржи најпознатите фасцинантни требенишки погребни златни маски, но и златни апликации во облик на рака, сандали, алки изработени од злато, сребрени ритони, кантароси, различни видови садови, килибарен и друг вид накит, керамички предмети, различен накит и оружје, познатите шлемови, но и впечатливи керамички предмети поврзани со сѐ уште мистичната приказна за непознатата аристократија, која од 6 до 4 век пред нашата ера живеела крај брегот на Охридско Езеро. Изложбата започнува со презентирани фотографии, архивски наоди, теренски мапи и на мошне прегледен начин ја покажува хронологијата на досегашните истражувања на некрополата Требениште. (Крај)
извор: Нова Македонија фото: Нова Македонија