Охрид, 27. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Образовните програми за стипендирање на студенти за работа, студентска размена и учење во САД не опфаќаат само студирање, туку кандидатите се стекнуваат со богато животно искуство, сметаат од Американската амбасада.
Презентација за постдипломски студии, програми за професори и медиуми денес во просториите на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид одржаа претставници на Американската амбасада во Скопје и претставници на Американско катче Струга. Програмите се однесуваат за три категории на студенти: оние кои се на додипломски студии и сакаат да ги дозавршат во Америка, кандидатите кои сакаат да прават истражување на магистерски теми, и за кандидатите, кои ги имаат запишано докторските студии, па сакаат да прават истражување за истите.
– Стипендиите кои се нудат, ги покриваат буквално сите трошоци, без разлика за која програма се аплицира. Сé што му е потребно на еден студент, стипендијата покрива. Интерес има. Се разбира, повеќе студенти се заинтересирани за постдипломските студии, каде добиваат бесплатни магистерски студии. Било каде и да се запишат во Македонија, трошоците за постдипломските студии се 2 до 3 илјади евра. А при студирањето во Америка во врвни универзитети, бидејќи ние секогаш го нудиме најдоброто, добиваат магистерски студии и плус добиваат сертификат, сето тоа е бесптлатно, објаснува Газмент Илази, кој ги води образовните програми во Американската амбасада во Скопје.
Претставници на Американската амбасада на ФТУ Охрид вршат презентации неколку пати годишно. Нема ниту еден случај на студенти, кои ги користеле овие програми, да заминале и не се вратиле. Сите студенти ги ползувале поволностите, а потоа се вратиле во Македонија.
Исто така вакви презентации денес се одржаа и во Струга. Од Струга, пример за постигнат успех е на студентка, Катерина Домазетоска, која студирала е-бизнис во САД, која поради нејзините тамошни успешни студии, станала претседател на платформата на организацијата на студенти. Работела за фирма, која по дипломирањето ѝ овозможила да работи и во Лондон. Денес работи во Скопје.
Илази ги поканува сите заинтересирани кандидати да ја посетат интернет страницата на Американската амбасада и страницата на Министерството за образование и наука на Република Македонија. Од министерството, пак донираат секоја година 100 илјади долари за овозможување на студентите за постдипломски студии во САД. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес