јануари 24, 2015

Симон Илиевски е човек со долгогодишно новинарско искуство, но потрагата по егзистенција го носи во различни води. Од пред неколку години работи во одделението за односи со јавност во Општина Охрид, но вели, има разлика помеѓу двете работи. „Се работи за сосема различни сфери во кои секој поединец има поинаков пристап на обраќањето кон јавноста. Заедничко е што професионализмот и умеењето треба да се употребат како алатки кои ви се на располагање“, вели во интервју за OhridPress и Супер радио.

Супер радио: По професија сте дипломиран новинар, но сега работите во сферата на односите со јавност. Раскажете ми како се случи да се најдете во новинарските води и да пловите долги години во нив?

Илиевски: Велат дека што порано влезеш во новинарските води и ја помирисаш печатарската боја, стануваш зборозависник до изнемоштеност и тешко можеш да излезеш. Тоа  трае до крајот, не само на работниот, туку и на животниот век.

Убавината и силината на зборот ја почуствував на полето на литературата победувајќи на неколку училишни литературни конкурси, награда на тогашниот „Наш свет“, а во гимназиските денови бев дел од редакцијата на „Јужен бран“. Објавував поезија и проза и учествував на речиси сите републички литературни фестивали, а двапати и на Млада Струга, која тогаш беше дел од Струшките вечери на поезијата.

Во 1973 година како ученик во гимназијата „Свети Климент Охридски“ почнав да пишувам за средношколската рубрика на весникот „Студенски збор“ и две години во младинската емисија на Радио Охрид. Новинарскиот вирус ме стресе токму во тие години, особено по честите посети на редакцијата во Скопје и средбите со млади, но познати и почитувани новинари, особено во интелектуалните кругови.

По матурирањето нешто силно ме повлече да се образувам во областа на уметноста и пробав да се запишам на Филмската академија во Прага, потоа во белградската, за таа прошетка да ја завршам во Скопје и да бидам дел од  тогаш најангажираниот печатен медиум во Македонија и средиште за собирање на тогашната слободоумна, пред се’ универзитетска интелегенција.

Работата во „Студенски збор“ беше повеќе од новинарска работа, туку начин на живење. Занаетот не го учев на Факултетот за новинарство, а потоа и на последипломските студии на Факултетот за политички науки во Белград, кои за жал не ги завршив. Новинарскиот занает го печев во зачадените меани како што беа стариот „Букет“ бифето на Македонскиот театар или популарното „театарче“ или во „Мал Карпош“. На почетокот на бардовите на македонското новинарство трчкавме да им купиме цигари, потоа стигнувавме да седнеме блиску до нивната маса, за после една година да седиме заедно и често до рани зори отваравме многу теми од кои дел беа на следното издание на „Студентски збор“. Имав среќа другиот, интелектуалниот дел и трагата по прецизно формирање на ставот за некоја општествена состојба  да го учам во универзитетското бифе или на повеќечасовните дебати со македонската книжевна елита во Клубот на уметниците или како што велевме „Кај Јоле“.

Беа тие некои чудни, но исполнети младешки и професионални денови, зашто се уште се чуствуваше  духот на шеесеттите и студенските демонстрации, а од друга страна засилен притисок кон интелегенцијата, нешто како најава за следните процеси  поврзани со распадот на поранешна СФР Југославија и позицијата на Република Македонија.

Беа тоа времиња кога се објавуваа или подобро речено некои теми можеа да го видат светлото на денот само во студентскиот, а подоцна и во младинскиот печат. И сега сум возбуден кога ќе се сетам на текстот „Писмо од Прага“ или пишувањето на писмото од гробот на Франц Кафка кое им го испратив на Јордан Плевнеш и прерано починатиот Трајан Мартиноски кои во Париз ги бараа загубените делови на древноста на македонското минато.

Тоа се почетоци кои траат, кои ве враќаат на нови почетоци и формираат некаков чуден професионален мозаик, кој за мене се уште е нерешена енигма  која трае, но длабоко сум убеден дека тоа е најважниот дел на ангажираното новинарство. Токму овој дел бил основниот постулат кој сум им го сугерирал на помладите колеги, зашто само таката можат да направат убава, но професионално стокмена приказна, наменета не за поединци, туку подарена на пошироката јавност.

Супер радио: Колку години работевте. Како го калевте занаетот и во кои медиуми?

Илиевски: По младешките денови, во 1978 година, како професионален новинар бев примен во Здружението на новинарите на Македонија и Здружението на новинарите на Југославија. Тогаш членувањето во Здружението на новинарите, беше еден вид гаранција дека можеш да работиш во други медиуми.

Во тоа време, на крајот на седумдесетите и почетокот на осумдесеттите години од минатиот век покрај во „Студенски збор“ работев на проекти на Македонската радио телевизија, пишував за белградските „Студент“ загребски „Студентски лист“, за словенечките „Трибуна“ и „Катедра“ каде тогаш главен уредник беше поранешниот премиер Јанез Јанша, бев дописник на радиото „Београд 202“, подоцна за „Студио Б“, текстови објавував во „Борба“ и „Политика“, престижниот „НИН“, култните емисии „Зелени мегахерц“ и „Програм у боји“ пишував за „Танјуг“ кога ќе беше отсутен нивниот дописник, соработував со неколку видни научни списанија. Ќе заборавев, дека бев дописник на весникот „Младост“, а подоцна на моето место дојде нашиот сегашен претседател на Република Македонија проф. д-р Ѓорѓе Иванов.

Кон средината на осумдесеттите по неколку случки кои будно ги следеа органите на државната безбедност, решив времено да се тргнам од тие бурни настани и учеството во интелектуалните македонски и југословенски групации кои имаа поинакви ставови од актуелната власт, бев во ЈНА, се оженив со мојата сакана сопруга Лидија и се вратив во Охрид. Беше тоа одлука за намалување на влијанијата на тешкото бреме или големиот камен, кој долги години го влечкав, а честопати тоа наликуваше на сизифовска работа, но никако не можев да ја напуштам загриженоста за мојот придонес за иднината на мојата татковина Република Македонија, по навестувањето за распад на југословенската федерација.

Тогашниот директор на Радио Охрид Веле Митаноски имаше концепт да го подмлади радиото, па во тој концепт ни ја отвори вратата  за мене, заедно со Славко Николоски и Стојан Савески, млади луѓе кои ја поминаа школата на „Студентски збор“. Направивме чудесен спој на постојното и новото и создадовме амбиент на авторитетен медиум и приватно дружење, едноставно речено живеевме како семејство. Дојдов како новинар, станав уредник, потоа главен и одговорен уредник кој од оваа позиција си замина со оставка.

Следеше период кога сметав дека морам да учествувам во процесот на осамостојувањето на Република Македонија. Му се приклучив на Социјалдемократскиот сојуз, со намера заедно со една поголема група интелектуалци да профилираме  политичка опција која ќе ги следи искуствата на другите поранешни југословенски републики. За жал, тој обид не успеа, покажа дека не се вклопувам во новиот политички амбиент, дадов оставка од политичката функција, влегов како шеф на кабинет во општинското собрание и оттаму си заминав со оставка и со двајца пријатели во 1995 година ја формиравме првата агенција за односи со јавност, за која многумина, кои сега ми продаваат ум, прашуваа дали тоа е агенција за прием на странки, правилно речено граѓани. Тоа беше тежок период за мене и за моето семејство, но ме охрабруваше сеќавањето на една средба во Белград во 1988 година, кога бев на испит на постдипломските и заедно со еден универзитетски професор бевме на најавена средба во станот на академикот Јован Ѓорѓевиќ. Имавме жолчна расправа за ставовите за Република Македонија во Меморандумот на Српската академија на науките и уметностите, акт кој вознемири тогашната, пред се’, интелектуална јавност.

Супер радио: Што би се рекло, ред политика, ред новинарство, но најдолго останавте во новинарските води. Тука се сите видови медиуми, и печатот и радиото, но и телевизијата. Во борба за егзистенција, едно време имавте и сопствена продукција?

Илиевски: Во изразито лоша финансиска семејна состојба и две студентки, мораше да се тргне со зборот во потрага по лебот. Започнав со инсталирање на програма во АТВ телевизија од Струга, за брзо да се префрлам во ТВМ од Охрид. Во ТВМ направивме одлична работа. Се редизајнира информативна програма, се снимија бројни документарци, искрено се даваше искуството, а во рамките на платениот политички маркетинг разговарав со тогашните и дел од сегашните личности од македонскиот политички врв. Заедно со Тони Нически и Зоран Машиќ заминавме од ТВМ, формиравме сопствена продукција и закупивме простор за емитување вести на локалната телевизија НТВ.

Следеше дописничката работа од основањето на „Утрински весник“ и телевизијата „Канал 5“ во кои работев до 2010 година, или повеќе од десет години. Многу работа, многу противречности, притисоци, па дури и физички закани со живот, кои можат да се најдат во извештаите на Стејт департментот, Хјуман рајтс воч, Новинари без граници и други реномирани меѓународни организации кои се занимаваат со човековите права и слободата на медиумите. Овој дел од моето професионално новинарско работење завршува пред нецели четири години, кога поради состојбите во македонското новинарство, јавно се откажав од мојата професија на која и го посветив животот.

simeilievski2

Супер радио: Може ли да се живее од новинарството?

Илиевски: Да и тоа многу добро, само зависи во кој држава работиш. Моите искуства велат дека тоа не е случај со Република Македонија. Сега за да се заработи треба место со новинарство да се занимаваш со „новинарски рекет“ или пак да бидеш класичен спинер или искривувач на факти, близок до власта, без разлика кој ја практикува и да бидеш манипулатор со јавното мислење.

Подолг период во нашиот се уште транзициски медумски простор џипови возат оние кои се задолжени под превезот на јавноста да ја манипулираат токму неа, јавноста, а вистинските професионалци да бидат на маргините на изгубената професија. Нивните колумни може да се најдат во некое слабокотирачко порталче наместо во некој релевантен медиум.

Дефинитивно има многу поместени нешта, кои што поскоро треба да се вратат на правиот пат и новинарството да ја врати позицијата  на средство кое ќе биде во директна функција за унапредување на демократскиот капацитет на секое општество.

Супер радио: Новинарството некогаш и денес. Секако дека има разлики во начинот на пренесување на информациите, и воопшто во целокупното извршување на новинарската работа?

Илиевски: Новинарството секогаш треба да биде исто, со професионални стандарди, ангажирано и во функција на јавноста. За жал, како што реков претходно, се’ поизразита е тенденцијата и се’ поголем е бројот на земјите во кои оваа важна професија, наместо во функција на јавноста, станува алатка на власта или реалните или тајните интереси на различни политички, бизнис или интереси на лоби групи.

Супер радио: Од пред неколку години сте дел од општина Охрид, во Одделението за односи за јавност. Што би кажале кога ќе направите паралела меѓу новинарството и сферата на односи со јавност?

Илиевски: Се работи за сосема различни сфери во кои секој поединец има поинаков пристап на обраќањето кон јавноста. Заедничко е професионализмот и умеењето да се употребат како алатките кои ви се на располагање.

Работата во Одделението за јавност во општина Охрид се темели на професионализам и транспарентност во пласирањето на информациите наменети за граѓаните. Колку сте потранспарентен и имате професионален пристап кон активностите на Локалната самоуправа, граѓаните ќе бидат позадоволни и ќе знаат како се менаџираат нивните пари. Истиот принцип важи и во соработката со медиумите. Да бидете успешни треба да ги почитувате нивните барања и да им овозможите слободен пристап до информациите кои ги бараат. Ако не биде така можете да отворите простор за полувистини кои во принцип го рушат имиџот на институцијата.

Новинарската работа дозволува да бидете многу посамостојни и да отворате теми кои се од поширок јавен интерес. Во принцип поголема успешност  во односите со јавноста имаат луѓето кои работеле во новинарството отколку оние кои од областа на односите со јавноста почнуваат да работат како новинари. Велат пресудни се малите тајни на големите мајстори во која било професија.

Супер радио: Добро е познато дека постарите новинари, освен работно се дружеа и приватно. Оттогаш до денес кружат анегдоти од едно за вас убаво време. Која од нив останала трајно во вашето сеќавање?

Илиевски: Добро завршената работа, честопати со оросено чело, ни била мотив да седнеме на заедничка маса и да наздравиме за успешниот ден. Ако се подзадржевме, во славењето на сопругите или девојките моравме да им го објасниме поводот. Почнавме тоа да го споделуваме и да се дружиме приватно. Нели секоја куќа има повод за славење. Ако некој немаше, тогаш имаше повод да му измислиме.

Имаше многу дружење и многу нешта за паметење. Во хотелот „Силекс“ во нејзините убави и млади години, гостуваше Весна Змијанац. Во Радио Охрид дојде да гостува, онака добро стокмена со пристојно мини-здолниште, долга бунда и високи чизмички. Убав разговор во студио, со често менување на погледот, малку кон режијата, а многу повеќе кон амбиентот во тесното студио на Радио Охрид. Организаторите не’ викнаа на концертот, но од познати причини предизвикот го прифативме само јас и Ацо Јанев.

Одејќи кон „Силекс“ ме прашува Ацо како сум со пари. Јас му велам суша, а тој ми одговара дека и кај него е суша. Мојата сопруга Лидија и неговата, нашата почитувана пријателка Павлина, имаа негативни реакции, па му реков на Ацо дека се шегувам и дека имам пари, и дека масата ни е блиску до влезот каде што мора сите да не’ видат. Седнавме и доаѓа келнерот и не’ прашува што ќе се напиеме како честење од директорот. На влезот се поздравивме со многу луѓе и веднаш по првиот пијалок од хотелот почнаа да стигнуваат пијалоци и мезиња од луѓето со кои се поздравуваме. Честењата продолжија, ние не можевме повеќе да пиеме и јадеме, па со поглед со Ацо ги пренасочувавме кон соседните маси. Прекрасната забава ја завршивме почестени, честевме без плаќање и плус неколку песни на Весна Змијанац „за Симона и лепо друштво“.

Супер радио: Кои мали нешта го прават вашиот живот убав и внесуваат радост во Вас?

Илиевски: Најголемата радост ми е кога сум со семејството. Мојот грб секогаш била мојата сопруга Лидија која секогаш во најубавите и најтешките моменти била со мене и ме поддржувала, дури и во моите одлуки кои биле на штета на семејството. Пребродивме многу тешки времиња, ги изгледавме ќерките Ирена и Ивана, завршија високо образование и магистерски студии. Деновиве сум особено среќен зошто на гости од Белград дојдоа ќерка ми Ирена, зетот Зоран, моите мили внучиња Бојана и Стефан и заедно се дружиме со ќерка ми Ивана и нејзиното момче Дејан и мајка ми Фиданка.

Ме прават среќен дружењато со Васко и Диме, Ленче и Мире, Ана Марија, Филип и Јован. Тагувам по колегата Васко, ама ме веселат утринските средби со Џамто, Мила и Ангела, со Влатче и духовитиот Петар Боев.

Ми фалат и ме прават среќен средбите со Славе Ѓорѓо – Димоски во „Фортуна“, со Славко Упевче во неговата галерија, со Ѕвездан Георгиевски и Гоце Ристоски кај Рори во Скопје, зашто ни го срушија  боемското „театарче“. Ме радуваат сите средби со моите истомисленици раштркани низ светот. Се молам да бидеме здрави и живи, и Бог да не’ чува за да имаме нови средби.

Супер радио: На крајот, каква е силната мисла која често провејува во вашата глава?

Илиевски: Нека биде вековита добрата мисла и нека се врати сјајот на новинарската професија како темелито обележје на демократијата и заштитник на човековите права и слободи.

Другите за Илиевски:

Филип Јовановски, помлад колега на Илиевски: За Симон Илиевски премалку ќе се зборовите ако кажам дека тој е мојот ментор во мојата кариера, како кога работев во Одделението за односи со јавност, така и сега кога почнав да се занимавам со новинарството. И не само во кариерата туку општо во мојот животен пат. Симон Илиевски е од групата на луѓето кои за жал денес навистина се реткост. Голем дел од моето знаење му го препишувам токму него, кој ме научил многу повеќе отколку некои професори на студиите додека студирав. Тој, како еден од доајените на охридското новинарство, безрезервно ми ги пренесуваше и ми ги пренесува неговите искуства кои, и тоа како, ми служат во работата. Но не само професионално и како колега, туку и приватно, Симон Илиевски е голем човек и пријател. Нашите фамилии се навистина блиски долги години и често сме заедно. Не постои период од повеќе од неколку дена, а јас да не го видам Симон. Едноставно, тој ми е еден од најдобрите пријатели иако разликата во години меѓу нас е голема. Сите зборови што би ги кажал за Симон би биле премалку за да можам вистински да го опишам.

Супер радио/А.Р.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука