Охрид, 19. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – И покрај постојаниот притисок од јавноста, медиумите и еколошките организации, и понатаму за жал продолжува истекувањето на матна вода во езерото кај вливот на реката Грашница во Охридското Езеро во населбата Воска.
Веднаш до фудбалското игралиште има два испусти за атмосферски води од кои тече заматена вода, која најверојатно е измешана со фекална вода од колекторскиот систем.
Темата е постојано актуелизирана од граѓаните и медиумите, но како да се нема слух и начин да престане ова лудило и неодговорно однесување кон најголемата вредност која ја имаме – Охридското Езеро и живиот свет во него.
Жителите на овој дел на градот, постојано реагираат и велат дека проблемот трае подолг период.
– Живеам на 200 метри од ова место, а одам на плажа на километри од тука. Ова деновиве е еден подобар момент. Интересното е во јули и август кога преку цела плажа има израснати пиперки, патлиџани, лубеници и други растенија, зависно од тоа што сме конзумирале ние жителите од таа населба. А таа цевката што ја гледате е канализација. 50 метри погоре поминува канализацијата, но поради малиот капацитет целото ова ѓубре го исфрлаше преку шахтата на улица. Но, за среќа се нашол некој паметен и со еден бајпас го решил проблемот. После оваа цевка на едно 50 метри има уште една канализација што течи во езеро. Таа е на другиот крај од игралиштето, истакнаа во последниот допис до редакцијата на OhridPress од минатата година.
Веќе долги години наназад на овој потег се шири непријатна миризба, а еколошките активисти постојано апелираат до надлежните што побргу да преземат конкретни мерки. Проблемот е стар повеќе од 30 години и според експертите лежи во истекот на бајпасите кај плажата „Мизо“ и подолу кај вливот на реката Грашница. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Јовица Каралиевски