декември 2, 2023

Скопје/Охрид, 2. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Состојбата во која се наоѓаат дел од православните сакрални градби (цркви и манастири) во Охрид е дел од базата на податоци на ИКОМОС Македонија од каде ја анализираат состојбата на 707 православни сакрални градби во сите осум епархии на МПЦ-ОА што се наоѓаат на територијата на Република Македонија.

За црквата „Света Софија“ во базата е наведено дека има вегетација на ѕидовите и на покривот.

– Дрвените затеги на егзонартексот се со видливи оштетувања, има отпаднати делови од фуги на сите страни од црквата, а присутна е и вегетација на ѕидовите и покривот, укажуваат експертите во извештајот.

За манастирот „Свети Наум“, пак, е предупредено дека столовите за верници, кои се поставени во наосот не смее да се допираат до фреско-сликарството, бидејќи го уништуваат.

– Потребно е да се одвојат од фреско-сликарството, а доколку има можност, одредени столици и да се отстранат. Да се отстрани металната (лимена) натстрешница и да се најде посоодветно решение за просторот за палење на свеќи, се вели во препораката.

За црквата „Свети Јован Богослов“ во Канео се предупредува на дотраената инсталација.

– Во ентериерот е поставена стара дотраена електрична инсталација и осветлување, како и несоодветни држачи над западниот влез во црквата, стои во извештајот.

Базата

 на податоци која е прва од ваков вид во нашата земја, произлезе како резултат на теренските увиди кои се реализираа во рамките на проектот „Мониторинг на православното културно наследство“ во текот на оваа и минатата година од страна на пет стручни тимови на ИКОМОС Македонија, како и на работата на група професионалци кои работат на нејзиното ставање во функција.

Оваа база на податоци има информативно-едукативен карактер и содржи информации за културните добра.

– Содржани се основни податоци за црквата/манастирот, опис, состојба во која се наоѓаат архитектурата и живописот, претходни интервенции, зачуваност на изворната состојба – автентичност и интегритет, како и препораки и насоки за евентуалните идни заштитни и превентивни интервенции. Сите податоци за состојбата на ова наше исклучително значајно културно наследство, како и препораките за потребата од идни превентивни заштитни мерки врз нив, се внесени во посебно креирани унифицирани обрасци, кои послужија како основа за изработка на специјализирана виртуелна база на податоци, велат од ИКОМОС.

Покрај отворениот пристап до податоци со информативен карактер наменет за пошироката јавност, оваа база на податоци особено треба да им користи на сите засегнати страни поврзани со овој вид на културно наследство како појдовна точка при носењето одлуки за идни конзерваторски и реставраторски постапки.

Проектот „Мониторинг на православното културно наследство“ се спроведува во соработка со МПЦ-ОА и во целост е финансиски поддржан од Центарот за културно наследство на Стејт Департментот на САД, како дел од неговата Иницијатива за документирање на наследството на заедниците. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/ИКОМОС Македонија

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука