Охрид, 11. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вкупната инвестиција за реновирањето на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид чини над 5,5 милиони евра.
Продолжува инвестицискиот циклус во нова медицинска опрема за јавните здравствени установи низ државата. Министерството за здравство конкретно за болницата „Св.Еразмо“ ја објави процедурата за јавна набавка на медицинска и немедицинска опрема. Ќе бидат набавени 515 парчиња медицинска опрема, како и дополнителни парчиња мебел и немедицинска опрема.
Ова е најголема инвестиција во болницата по нејзиното основање во 1950 година.
Апаратите се наменети за повеќе различни специјалности, меѓу кои: апарат за анестезија со монитор, монитор за витални параметри, пенданти за интензивна нега и друга дополнителна опрема за интензивна нега, подвижен рендген апарат, ендоскопски систем за артроскопија, оперативен микроскоп за неврохирургија, надоградба на постојниот рентген кабинет, плазма стерилизатор, портабл колор доплер, ЕХО апарат со кардиолошка сонда, ЕКГ 12-канално, транспортен пациент монитор, апарат за континуирана торакална дренажа со погон на вакуум, респиратори со волуметриска и притисочна контрола, 100 електрични кревети и 50 хидраулични кревети за болничките одделенија, перфузори, автоклав, електрокаутер, апарати за стерилизација, за аспирирање, хируршки инструменти итн. (Крај)
извор: МИА фото: архива