Охрид, 5. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Црвен крст Охрид, Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ од Скопје и Јавната установа Национален парк „Галичица“ иницираа формирање мрежа за еколошка едукација во којашто ќе членуваат основни училишта и невладини организации од охридско-преспанскиот регион и од соседните региони.
– Едукацијата, формална и неформална, а особено едукацијата на младите генерации, е клучна компонента на грижата за природните богатства и на заложбите за одржлив развој. Така, основната цел на формирањето на Мрежата е унапредување на еколошката едукација во охридско-преспанскиот регион со акцент на едукацијата за зачувување на природните вредности во Националниот парк Галичица, како и едукацијата за влијанијата на климатските промени врз Паркот и, пошироко, врз регионот. Преку меѓусебна соработка и градење партнерства, членките на Мрежата ќе работат на ширење на знаењето за природните богатства во Паркот и на промоција на грижата за тие богатства и ќе поттикнуваат проактивен однос кон предизвиците коишто произлегуваат од климатските промени. Во фокусот на работењето на Мрежата ќе биде едукацијата на учениците од основните училишта, информираат иницијаторите.
Додаваат дека за да се презентира оваа иницијатива пред заинтересирани организации, на 30-ти август 2024 година, во просториите на Црвен крст Охрид се одржал состанок во којшто учество зедоа претставници на основни училишта и невладини организации.
– Иницијативата ја презентираа Катерина Наумоска, претставничка на Црвен крст Охрид и Ангела Тасеска Михајловска, претставничка на Јавната установа Национален парк „Галичица“. Потоа, присутните отворија дискусија за начинот на дејствување на Мрежата која се воспоставува во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк „Галичица“ од негативните ефекти на климатските промени“, којшто е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а го спроведуваат Црвен крст Охрид и Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ во соработка со Јавната установа Национален парк „Галичица“, потенцираат организаторите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива