Охрид, 26. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во петок, 29-ти септември, со почеток во 20:00 часот, во Галерија „Робевци“ ќе биде отворена интернационалната изложба на графика во мал формат насловена „А4“.
Изложбата е во организација на Националниот Универзитет за Ликовни Уметности од Букурешт, Романија, а кај нас ќе пристигне како круна на неодамнешната соработка со кустосот – организатор на истата, проф. др. Овидиу Кроитору. На изложбата ќе бидат изложени цртежи, скици и графики на уметници и на професори од ликовните академии од Романија, Бугарија, Унгарија, Израел, Германија, САД и Чешка.
Изложбата ќе биде поставена една недела во Галеријата „Робевци“, а ќе учествуваат и неколку истакнати македонски уметници и професори на Факултетот за ликовна уметност во Скопје кои го негуваат цртежот и графичките техники како ликовно изразно средство.
Изложбата „А4“ за прв пат беше отворена во Националната Универзитетска Галерија „УНА Галерија“ во Букурешт, а по гостувањето во Галерија „Робевци“ ќе биде изложена во неколку Универзитетски Галерии во Бугарија, Полска и Унгарија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес